Вкупно 637 инспекциски надзори спровело охридското одделение на Државниот пазарен инспекторат во првите четири месеци од 2014 година, на подрачјето на Општина Охрид. Евиденцијата на инспекторатот говори дека најконтролирана била работата на трговските објекти, каде биле спроведени вкупно 223 инспекциски контроли.


-Според Законот за трговија, од нив 172 биле редовни, а 51 била вонредна контрола. За поведување на прекршочна постапка се донесени 2 решенија, а се издадени 13 платни налози и глоба од 21.800 евра. Исто така издадени се 6 платни налози за мандатни казни со 2.400 евра глоба, а на еден субјект му е изречена привремена забрана за вршење на дејност, информираат службите на Пазарниот инспекторат.

Освен субјектите од трговскиот сектор, контролирани биле и занаетчиските дуќани, каде биле спроведни вкупно 96 инспекциски контроли, од кои  54 редовни и 42 вонредни контроли. При овие надзори било донесено едно решение за поведување на прекршочна постапка, бил издаден еден платен  налог и глоба од 500 евра, а на еден субјект му е изречена привремена забрана за вршење на дејност.


Охридските пазарни инспектори вршеле контроли и во објеките од угостителската и туристичката дејност.

-Според Закон за угостителска дејност на подрачјето на Охрид биле извршени вкупно 47 инспекциски контроли на угостителски објекти, кои 36 редовни и 11 вонредни контроли. За поведување на прекршочна постапка се донесени 3 решенија, издадени се 5 платни налози и изречена е глоба од 7.500 евра, додека на 3 охридски угостители им била изречена мерка затворање, информираат од инспекторатот.

Од таму дополнуваат дека според Законот за туристичка дејност од почетокот на јануари до почетокот на мај годинава, биле спроведени вкупно 7 инспекциски контроли, од кои 3 редовни и 4 вонредни контроли, при што се издадени се 2 платни налози за мандатни казни со 900 евра.

Е.М