МВР ја претстави апликацијата за мобилни телефони „Пази радар!“, која ќе предупредува на точките каде се врши радарска контрола. Апликацијата ќе може да се користи на паметните телефони.
-Убедени сме дека со овој нов потег што го превземаме, преку
промовирањето на апликацијата “Пази Радар“, ќе имаме дополнителни и
значајни превентивни резултати. Впрочем, министерството за внатрешни
работи, кога станува збор за овој дел од сообраќајната проблематика,
уште во средината на минатата година јавно, преку официјалната веб
страница на министерството, ги посочи сите радарски контролини точки на
организационите единици задолжени за безбедноста на патниот сообраќај. А
се работи за над двесте можни локации за сообраќајна радарска контрола
како во урбаните така и надвор од урбаните средини, информација којашто и
ден денес е достапна за сите граѓани на веб страницата на МВР, истакна министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.
Таа посочи дека целта на апликацијата „Пази радар“ е да ја подобри безбедноста во сообраќајот, бидејќи се очекуваа да влијае на однесувањето на возачите.
-Овојпат со понудената апликација одиме за чекор понатаму и преку понепосредно информирање на граѓаните им нудиме можност да им биде укажано или ако сакате – да бидат благовремено предупредени во почитувањето на сообраќајните прописи. Така, не само што ќе се избегнат евентуалните казни, туку се спречува можноста од возење со брзини над дозволените, што пак за сите нас е од исклучителна важност, особено ако имаме предвид дека неприлагодените брзини на условите на патиштата се во самиот врв на причинители на сообраќајните несреќи во кои за жал добар дел имаат и трагичен епилог, рече Јанкуловска.
Таа очекува бенефит не само во поголемата безбедност на патиштата,туку индиректно, и во сферата на подобрување на сообраќајната култура на учесниците во сообраќајот.