По повод враќањето на вредното Пчињското изборно евангелие од 16 век во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“во Охрид утре, петок на малата сцена во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 13 часот ќе се одржи пригодна свеченост.
За значењето на евангелието се очекува да говорат министерот за култура и туризам Зоран Љутков, директорката на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Христина Трпеска, м-р Зорица Јаковлевска – Спировска од НУБ „Св. Климент Охридски“ Скопје, д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература во Скопје и м-р Милчо Јованоски, виш библиотекар во охридската библиотека.
„Пчињското изборно евангелие“ важи за најстар ракопис зачуван во стариот – редок фонд во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид. Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во1999 година. Тој го поттикнал тогашното раководство на Градската библиотека во Охрид, Евангелието да го даде во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје да биде заштитено.
Првата конзервација и реставрација на евангелието во НУБ е во 2000 година и било вратено во Охрид, каде останало до 2011 година. Поради несоодветните услови за чување ( голема влага ) при направената контрола од страна на стручни лица врз ракописот се забележани сериозни оштетувања на книгата и таа е повторно вратена во Скопје на нова концервација и реставрација која се случила во 2014 година.
Откако во 2023 година со финансиска помош од 300 000 денари од страна на Министерството за култура, Библиотеката го реализира проектот за адаптација на простор и отвори Депо за редок библиотечен фонд со примена на високи стандарди за негово чување, се создадоа услови и за враќање на Пчињското евангелие кое датира од последната четвртина на 16 век. Сега, Евангелието повторно е дома, во депото во Охрид.
Во петок ќе биде промовиран и новиот Каталог посветен на враќањето на Евангелието во Охрид, со конкретни факти за него и за богатиот трезор од ретки книги
Во Охрид во реткиот фонд има 812 книги и тоа од периодот 1872 до 1945 година напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени околу 100 книги. Во Каталогот по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.
Настанот ќе биде збогатен со настапот на Градски хор „Вокс Лихнидос“ под диригентската палка на Бурим Хидри.
OhridNews