Најстариот ракопис зачуван во стариот – редок фонд во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид „Пчињското изборно евангелие“ од 16 век вратено во депото на Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
Ракописот е најден од страна на книжевниот историчар и истражувач на стари ракописи Михајло Георгиевски во необработениот фонд во библиотеката во 1999 година. Тој го поттикнал тогашното раководство на Градската библиотека во Охрид, Евангелието да го даде во НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје да биде заштитено.
Денес сведочиме на чин што го премостува минатото со сегашноста – тивко, но свечено враќање на „Пчињското изборно евангелие“ во неговиот вистински дом, во Охрид – градот што од секогаш бил олтар на словото и светлина на духот, рече во обраќањето на денешниот настан министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Ова не е само културен настан, туку победа на паметењето над заборавот, на тивкото траење над минливоста, на духовното над временото. Денес, кога велиме дека „Пчињското евангелие“ е повторно дома, не мислиме само на неговата физичка адреса, туку на духовното враќање – враќањето на еден симбол на верата, писменоста и културниот континуитет на нашиот народ, во градот што отсекогаш бил трезор на духот – Охрид. Во чест на ова враќање, подготвен е и нов Каталог со факти, фотографии и истражувања што ја осветлуваат не само историјата на Евангелието, туку и богатството на охридскиот редок фонд – вистинска ризница со 812 книги од периодот 1872–1945 година, на разни јазици и автори, посочи Љутков.
Потенцираше дека библиотеката „Григор Прличев“ денес не е само институција – таа е жив организам на духот.
Веќе осум децении таа е трезор на мислата, чувар на зборот и сведок на генерации охриѓани кои преку дружбата со книгата станувале луѓе во вистинска смисла на зборот – носители на развојот, достоинството и иднината на нашиот град и на нашата држава. Затоа денес, со враќањето на „Пчињското евангелие“, ние не сведочиме само на еден културен настан – туку на победа на трудот, знаењето и љубовта кон културното наследство на својата земја. Тоа е доказ дека секоја установа што се стреми кон развој и посветеност, во иднина ќе биде поддржана од Министерството за култура и туризам, додаде Љутков.
Станува збор за многу вреден материјал, словенски ракопис кој што е во сопственост на библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, потенцираше Зорица Јаковлевска Спировска, конзерватор-советник од НУБ „Св. Климент Охридски“ од Скопје.
Нашата улога е многу специфична, затоа што овој ракопис за прв пат во Националната библиотека, каде што е единствениот центар за заштита на материјали на хартија, кожа и прегамент, е донесена во 2000 година за заштита во многу оштетена состојба. Се разбира колегите, стручни лица од ова област процениле дека станува збор за многу вреден материјал, кој што треба веднаш да се заштити. Материјалот е донесен во нашиот центар за заштита во 2000 година и е заштитен. Специфично интересно е тоа што заради условите во кои што е чуван, 2011 година материјалот повторно се оштетува, односно ракописот, и повторно е донесен во Националната библиотека за заштита, и тогаш почнува нашата втора, така наречена голгота, односно во уште пооштетена состојба, ние се обидуваме со нашите постапки и процедури да го заштитиме, да ја заштитиме секоја буква од овој вреден материјал, вели Јаковлевска Спировска.
Додава дека тоа било многу тешко, поради тоа што материјалот бил биолошки многу оштетен, и во процедурата биле вклучени и дополнителни стручни лица од факултетите при Универзитетот во Скопје.
Но, по долготрајните процедури и постапки, ние успеваме во 2018 година да ја завршиме првата фаза од реставрацијата, и потоа 2023 година и втората фаза, и да го донесеме ракописот во состојба, како што можете да го видите денес во изложбеното одделение. Дополнително сум предзадоволна од соработката со колегите од библиотеката во Охрид, заради тоа што тие има слух за нашите дополнителни стручни укажувања кога се однесува за постапките за чување на материјалот. Како што споменав предходно, материјалот беше донесен по втор пат на заштита баш заради тоа што не беше чуван соодветно. Сега овој пат во тесна соработка со колегите библиотекари и раководството од библиотеката во Охрид ние успеавме со Министерството за култура да адаптираме еден простор од библиотеката, односно едно депо, кое што ги задоволува сите стандарди за чување на вакви ретки материјали, потенцираше Јаковлевска Спировска.
Имајќи ги предвид водените знаци на хартијата во „Пчињското изборно евангелие“ неговото датирање се определува од последната четвртина на 16 век, односно тоа било пишувано во 80-тите години на истиот век, посочувајќи дека целиот ракопис го пишувал еден анонимен писец, во непознат македонски скрипториум, рече во својот говор проф. д-р Илија Велев од Институтот за македонска литература.
Веројатно пишувањето се одвивало во некои од црквите и манастирите во северниот дел на Македонија, од каде и се нашол во библиотеката на манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Токму и поради неговото потекло од наведената манастирска библиотека, ракописот се именува како „Пчињско евангелие“. Според содржинската структура „Пчињското евангелие“ претставува т.н. изборно (апракосно) евангелие, со текстолошка редакција, правопис и јазик карактеристични за ракописното писмено наследство со потекло од Кратовско-лесновската книжевна школа. Изборното или апракосно евангелие содржи избор на четива од содржините на четирите новозаветни евангелија по Матеј, Марко, Лука и Јован – подредени по календарски редослед и кои се читаат при богослужењата на определени христијански празници и во неделите. Историјатот на ракописното „Пчињско евангелие“ се реконструира според подоцнежните записи пишувани по празните листови и по маргините на текстот. Од нивната содржина се потврдува дека во втората половина на 19 век ракописното евангелие се чувало во библиотеката на манастирот „Св. Прохор Пчињски“, заклучува д-р Велев.
Крајната замисла е во рамки на Библиотеката да се изгради и посебна археографска збирка на редок библиотечен материјал рече во својот говор директорката на Библиотеката, Христина Трпеска, додавајќи дека целта е да создаваат трајни вредности, а новата технологија да ја применуваат во сите сфери од работењето.
Библиотеката одамна не е зајмување и враќање книга. Таа има низа функции во овој модерен свет а ние колку што ни дозволуваат можностите чекориме во пресрет на новото време и потреби на нашите сограѓани, но и на туристите кои преку лето ги користат нашите услуги. „Пчињското изборно евангелие“ ни е добар пример дека книгата и натаму останува најтраен медиум. Над пет века патува низ времето. Пишувањето историја не е ниту мала, ниту лесна задача. Но, денес бележиме само еден настан во летописот на нашиот Охрид, нашата таткојна како што љубел да каже нашиот патрон Прличев за својот роден град, додаде Трпеска.
Не застануваме тука, следен чекор ни е, иако сме свесни дека е тоа долг и скап зафат, да се направи посебен трезор за Евангелието и соодветен заштитен систем, рече Милчо Јованоски, виш библиотекар.
Моја, и следна задача на целиот тим во Библиотеката ни е што поскоро се надевам со помош на Министерството за култура и туризам а и општината да направиме реплика од оригиналот која ќе биде постојано видлива и достапна за сите посетители на Библиотеката, но и на туристите а водичите да ја вклучат библиотеката во своите тури за прошетки низ нашиот Охрид, додаде Јованоски.
Инаку, во Охрид во реткиот фонд има 812 книги од периодот 1872 до 1945 година напишани во оригинал или преведени на српски, хрватски, руски, бугарски од англиски, француски и италијански автори. Од нив во последниве пет години стручно се заштитени околу 100 книги.
Во Каталогот по едно опсежно истражување е претставен реткиот македонски фонд од 1944 до 1950 година. Во него се опфатени важни документи кои сведочат за темелите на македонската државност сврзани со Илинден и НОБ но и првите научни и литературни дела како Букварот со читанка на македонски јазик, делата на Крсте П. Мисирков, Блаже Конески, Славко Јаневски, Лазо Каровски, Јован Бошковски и охриѓаните Радослав Петковски и Борис Бојаџиски.
Фото галерија:
„Пчињското изборно евенгелие“, најстариот ракопис зачуван во стариот – редок фонд во Охридската библиотека, реставрирано и вратено повторно назад
Н.С.Ј
Фото. Г. Момироски