Извршен увид во тековните и завршени проекти започнати изминатиот период во Охрид. Градоначалникот Кирил Пецаков, заедно со претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски посетија неколу локации каде во тек се градежните активности.
Меѓу нив во селото Лескоец каде се решава проблемот со фекалната канализација и предвидено е 40 семејства да бидат приклучени на истата, улицата „Момчило Јорданоски“ и трите краци од „Даме Груев“, проект кофинансиран од Југозападниот плански регион и Општина Охрид, булеварот „Македонски Просветители“, каде е започната третата фаза и се планира до почетокот на јуни да е завршен проектот.
Оваа година генерално земено ќе мине со сериозно добри проекти за проблеми кои ги имале граѓаните, а ние ги решаваме. Тековно ќе следат дополнителни активности и проекти. Веќе завршивме со тоа што требаше да претставува поставување на коцки во дворот на црквата Св. Богородица Перивлепта, а тековно уште четири улици во старото градско подрачје се уредени. Како завршена активност, а е проект финансиран од локалната е и потпорниот ѕид кај црквата Св. Богородица Челница во стариот дел на градот. При крај е и поставувањето на енергетски ефикасната фасада, реновирањето на кровот и менувањето на електричната инсталација на економското училиште, рече градоначалникот Пецаков.
Од она што можам да го заклучам и видам од досега со градоначалникот Пецаков што разговаравме, но и што го видовме на лице место после пет месеци повторно Охрид започнува да се гради, да се движат работите и ќе продолжи во таа насока, рече Мицкоски.
Иако беше изминатиот период некако сето замрено и стопирано низ цела Македонија, вклучително и Охрид, сега од ова што можам да го видам овде градежната офанзива е дел од Охрид и проектите овде во Охрид. Знам дека можеби ќе биде малку посложено бидејќи доаѓаат месеците кога започнува туристичката сезона овде во Охрид, но пред и после тоа треба уште поинтензивно да им покажеме на граѓаните дека ние сме различни, што впрочем тоа и го покажува Пецаков и луѓето кои што се дел од неговиот тим овде во општината, рече Мицкоски.

Н.С.Ј.
фото. А. Момироска



















