Заштитата на урбаните јадра е клучна обврска, но тоа не треба да подразбира ставање крај на развојот на градот. Сето ова треба да биде една симбиоза за да се создаде одржлива иднина за градот и идните генерации, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, во обраќањето на семинарот посветен на „Заштита на урбаните јадра“.

Клучна обврска на менаџментот на еден град, од една страна треба да биде заштитата на културно – историските знаменитости и животната средина, а од друга страна подеднакво важно е и градењето и развивањето на градот со цел креирање иднина за младите. Заштитата и одржливоста на градските јадра не смее да се сведе на обврска само на надлежните градски институции. Во неа мора дел да бидат и државните институции, а особено тоа мора и треба да биде обврска на секој поединец, чинител на живеењето во еден град, рече Пецаков.

Додаде дека во безброј случаи, институциите се немоќни да го превенираат и заштитат градското јадро, онолку пати колку што локалното население може да го уништи.

Затоа велам дека исклучително важен е придонесот на секој поединец. Од големо значење е одржувањето на токму вакви настани, каде може да се разменат искуства и идеи кои успешно се спровеле во други градови. Токму преку размената на искуствата можеме да ја унапредуваме заштитата и одржливоста на градските јадра, истакна Пецаков.

На семинарот учество зедоа заменик градоначалникот на Елбеуф од Франција, градоначалникот на Битола, претставници на Француската и Албанската амбасада, претставници на Министерствата за култура од Македонија и Албанија.

Свои презентации имаа општините Кавадарци, Куманово, Велес, Битола, Берово, Кавадарци, Кратово, Куманово, Охрид, Штип, Берат и Елбасан. Семинарот беше во организација на „Sites & Cites“ од Франција.

OhridNews