Финансиско стабилизирање на образовните институции, со домаќинско работење, со план и со визија беше еден од врвните прироитети на локалната самоуправа рече денес градоначалникот Кирил Пецаков, по свеченоста за прием на првачиња во ОУ „Григор Прличев“. Пецаков потенцираше дека долгот на училиштата кој вкупно изнесувал околу 20 милиони денари, сега е нула, односно ниту едно училиште во градот не должи финансиски средства.

Од оваа година воведовме нова мерка за првачињата, а тоа е 3000 денари за секое запишано прваче во основните училишта во Општина Охрид. Предвидовме стипендии за талентирани ученици од 1 до 9 одделение, за ученици од 1 до 9 кои живеат во потешки социјални услови односно во семејства кои остваруваат ниски примања, исто така и стипендии за ученици од 1 до 9 одделение кои постигнале значајни резултати во областа на спортот, литературата, музиката, ликовната уметност и други вештини. Висината на овие стипендии ја зголемивме и ќе изнесува 2000 денари за 9 месеци. Исто така предвидовме и стипендии за учениците од средните училишта во повеќе категории и висината на овие стипендии се зголемува и ќе изнесува 2000 денари за 9 месеци, рече Пецаков.

Оваа година Општина Охрид, рече, ќе додели и студентски стипендии во повеќе категории, а висината ќе изнесува 3000 денари за 9 месеци, потенцирајќи дека оваа година како новитет е и мерката Образовен додаток која е наменета за студенти од Општина Охрид кои студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик на кои еднократно ќе им се доделат по 6000 денари.

Продолжува, исто така, доделување на стипендии за лица со ретки болести и посебни потреби, а износот за учениците е зголемен и ќе изнесува 2000 денари за 9 месеци, додека за студентите, магистрантите и докторантите ќе изнесува 3000 денари за 9 месеци.

Го зголемуваме надоместокот за наставниците ангажирани во продолжен престој. Во две основни училишта започнува реализацијата на пилот проект „Италијански јазик во основното образовани“ каде факултативно ќе се изучува италијанскиот јазик. Исто така новитет во оваа учебна година ќе биде вреднување на остварениот успех на учениците на натпревари во знаење. Покрај традиционалното доделување на признанија, од оваа година ќе има и парични награди за учениците и нивните ментори и тоа, за прво место на државен натпревар во знаење ќе се доделува по 10 000 денари за ученикот и менторот, за второ место по 7 000 денари, за трето место по 4 000 денари. За освоено прво место на меѓународни натпревари ќе се доделува по 18 000 денари за ученикот и неговиот ментор, за второ по 15 000 денари и за трето по 12 000 денари. За првпат од оваа учебна година ќе се додели награда за „Првенец на генерација“ во основните и средните училишта. Наградата ќе изнесува 10 000 денари, рече Пецаков.

Покрај финансиските стимулации за учениците, додаде Пецаков, во значајна мера се подобрени и условите во училиштата, каде беше извршено молерисување на училишните згради, санирани тоалетите, променета старата и дотраена дограма, беа уредени дворовите, променета водоводна и одводна мрежа.

Комплетно ја завршивме реконструкцијата на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“, а во следниот период ќе пристапиме кон партерно уредување на дворот. Се набавија машини за чистење на подовите за средните училишта и се набавија смарт табли за ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Во текот на оваа учебна година продлжуваме со градежните зафати на училиштата. Очекувам до крајот на учебната година да нема санитарни јазли во школите кои не се реконструирани. Продолжуваме со набавка на училишна опрема и помагала, компјутери, смарт табли, клупи, книги за библиотеките. Изготвуваме проекти за инсталација на нови системи за греење и уште многу други проекти, истакна Пецаков.

Воедно потенцираше дека во изминатиов период општинската комисија за трансформација ја заврши својата работа и за сите оние кои ги исполнуваа потребни законски услови побарано било да им бидат трансформирани работните места.

Со ова го отргнуваме партискиот реваншизам од образованието. За учениците со посебни образовни потреби во основните и средните училишта кои имаат потреба од тутори или медијатори ќе им бидат обезбедени. Тука нема да застанеме, квалитетно и модерно образование е нашиот врвен приоритет, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.