Од денеска во сила мерките за штедење струја до 15 проценти, а со тоа почнува да важи и кризната состојба за електричната и топлинската енергија. Мерките за штедење струја што ги донесе Владата на 16 август, ќе важат до 31 март 2023 година, а кризната состојба прогласена на 25-ти овој месец треба да трае 30 дена.
Според Владата, пред нас е една од најтешките зими на енергетски план и сите заеднички треба да придонесеме за нејзино полесно пребродување.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, редовно менување на филтрите на грејните тела и клима уредите, пеќатење само потребните материјали, замена на прозорците со енергетски ефикасни, се само дел од обврските кои државните институции мора да ги спроведат.
Во моментов, вели градоначалникот Кирил Пецаков, Општина Охрид ќе го спроведува она што го објави Владата одговарајќи на новинарско прашање во врска со мерките за штедење кои почнуваат од денес.
Најбитната работа е што на управниот одбор на ЗЕЛС, ќе имаме сега и Генерално собрание, сериозно размислуваме на оваа тема. Кога станува збор за електирчната енергија посебно загрижува состојбата со јавните претпријатија каде состојбата е повеќе од хаос и дури едно претпријатие како што е „Водовод“ нема воопшто светла иднина, вака како што изгледаат работите. Последната сметка за струја е 14 милиони денари, приходот е 10 до 10,5 милиони, платите меѓу 8,5 и 9 сега со покачувањето на минималната стигнуваме и до 9 милиони. Неможеме ниту плата ниту струја да платиме. Ова е тотален хаос кој што се случува. Неколку пати имавме состанок како Управен одбор на ЗЕЛС со Владата и поедини контакти што сме ги имале ги замолуваме да најдеме начин барем јавните претпријатија што обезбедуваат вода за граѓаните да бидат на регулиран пазар и со тоа да можеме да го издржиме сиот тој притисок. Меѓутоа Владата не е спремна за таков подвиг, односно буџетски нема како да ги обезбеди тие средства со регулираниот пазар и ќе продолжиме со тие проблеми. Поентата ми е најмал проблем се мерките за штедење за кои не само државата туку и секое семејство и локалните самоуправи ќе мора да се погрижат, посебно за зимата која следи, меѓутоа ние имаме многу поголеми проблеми од тоа како јавни претпријатија кои треба да бидат сервис за граѓаните, додаде Пецаков.
Препораките на Владата за бизнис секторот се однесуваат на исклучување на декоративното осветлување на фасадите на сите објекти, користење дневна светлина за внатрешните простории, халите и канцелариите во објектите во период кога за тоа има можност, ладење на производни објекти, хали и канцеларии со клими на не помалку од 27 степени и греење на максимум 20 степени, исклучување на компјутерите по завршување на работните обврски, замена на старите сијалици со компактни флуоресцентни, редовно менување на филтрите на грејните тела, инсталирање топлинска пумпа како високоефикасен систем за греење, ладење и за подготовка на топла вода при градба на нови градежни објекти или реконструкција на стари, примена на нови технологии за подобри енергетски перформанси на индустриските постројки,…
На домаќинставата им се препорачува вклучување бојлер по потреба и по можност на евтина струја, вклуќување на машините за перење и за миење садови само кога се полни и исто така на евтина струја, разумно користење на грејните тела, максимално користење на дневната светлина и топлината од сонцето, гаснење на сијалиците кога не се престојува во одередни простории, готвење во помали садови или во садови соодветни на големината на ринглата, кратко и интензивно проветрување на просториите,…
Инаку, Одлуките за постоење кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на Град Скопје и во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на Република Северна Македонија се донесени на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи.
Н.С.Ј.














