Ветивме подобрување на условите во образованието и затоа посветено реализираме проекти и воведуваме мерки кои ќе донесат напредок во наставниот процес. Даваме силна поддршка на талентираните ученици и нивните ментори, ги поттикнуваме да постигнуваат врвни резултати, но не ги забораваме учениците кои потекнуваат од ранливите категории и ја продолжуваме поддршката за лицата со ретки болести и посебни потреби истакна на денешната прес конференција градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков презентирајќи што опфаќа Одлуката за мерките кои локалната самоуправа ќе ги преземе во насока на поддршка на студентите и учениците од општината, донесена на вчeрашната 13-тата седница на Советот на Општина Охрид.
За првпат оваа година Охрид воведува проект „Нашите првачиња” со кое се предвидува финансиска поддршка за секое запишано прваче во општинските училишта по 3000 ден. Ја зголемуваме вредноста на стипендиите од 1500 на 2000 денари за учебната 2022/2023 година кои ќе се доделуваат за 9 месеци на ученици од општинските основни и средни училишта. Ќе се доделуваат и студентски стипендии во износ од 3000 денари месечно, за 9 месеци. За прв пат се воведува мерката „образовен додаток“, со која на најмногу 120 студенти еднократно ќе им се доделат по 6000 денари, мерка наменета за студенти од Општина Охрид кои студираат надвор од Охрид, а потекнуваат од семејства со социјален ризик, многудетни семејства и еднородителски семејства, истакна Пецаков.
И во текот на наредната година продолжува поддршката од Општина Охрид со стипендии за ученици во основно и средно образование, студенти, магистранти и докторанти кои се лица со ретки болести и посебни потреби, а живеат во Охрид, во износ од 2000 денари месечно за 9 месеци, а за студенти, магистранти и докторанти износ од 3000 денари месечно за 9 месеци.
Обезбедивме зголемување на надоместокот за наставниците ангажирани во продолжен престој. Од оваа учебна година тој ќе изнесува 15.000 денари за пола работно време, наместо досегашните 10.000. Се прават и напори за решавање на проблемот со работниот стаж на овие наставници кој досега беше нерегулиран. Предвидено е сите основни училишта да организираат продолжен престој од 15 ти септември. Овозможуваме дополнително вреднување на постигнатиот успех на учениците на напреварите во знаење кои се организираат по наставните предмети. За таа цел, покрај доделување стипендии и традиционалното доделување признанија на денот на сесловенските просветители „ Св. Кирил и Методиј„ ќе се доделуват и парични награди за учениците и нивните ментори, додаде Пецаков.
За учебната 2022/2023 година Општина Охрид за првпат ќе додели награда и за „Првенец на генерацијата“ во основните и средните општински училишта. По изборот согласно процедурите на училиштето, директорот на училиштето доставува известување до општината по што на ученикот ќе му биде исплатена награда во вредност од 10.000 денари, информираше Пецаков.
Исто така од учебната 2022/2023 година за првапат во две основни училишта во Општина Охрид: ООУ „Св.Климент Охридски“ и ООУ „Христо Узунов“, ќе отпочне да се реализира пилот-проектот „Италијански јазик во основното образование“ каде ќе се воведе факултативно изучување на италијанскиот јазик по два часа неделно за учениците од 5- то и 6 -то одделение. Со овој пилот –проект, на почеток ќе бидат опфатени само последната година од одделенска настава и првата година од предметна настава( во овие две училишта) а понатамошниот опфат ќе оди согласно потребите и интересот на учениците и родителите. За учениците со посебни образовни потреби во основните и средните училишта во општина Охрид, кои имаат потреба од тутори или медијатори, истите ќе бидат обезбедени согласно член 36 и член 37 од Законот за Основно образование и член 48-б од Законот за средно образование, потенцираше Пецаков.
OhridNews












