Будно ја следиме состојбата со автобуската станица и досега не е поднесено никакво барање до Општина Охрид за пренамена на било каква просторија или дел од објектот, рече градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков на последната одржана седница на Советот на Општина Охрид, на која беше актуелизирана темата за функционирањето на автобуската станица.

Од страна на советникот Ванчо Костоски беше посочено дека при продажбата на местото од Општината во 2016 година било назначено дека истото е со намена за автобуска станица и со пропратни елементи како би било за некој инвеститор исплатливо.

Тоа беше направено, меѓутоа просториите на автобуската станица сега имаат пренамена. Мое лично мислење е дека не смеат да се вршат пренамени на тие простории бидејќи се изигруваат условите од тендерот, барем јас така мислам. Ако некој знаел дека три-четири години само ќе ја држи автобуската, оти не е толку исплатлива, може да се направи еден хостел или хотел, тогаш би дале и повисока цена, а не само 60 евра како што беше продадена тогаш. Дали имате точна информација за ова и дали ќе превземе Општината нешто околу оваа работа согласно договорот за продажба?, праша Костоски на седницата.

Градоначалникот Пецаков го повтори истиот став и вчера одговорајќи на новинарско прашање при тоа потенцирајќи дека Охрид нема да остане без автобуска станица, истата функционира, пероните се тука, а начинот на издавање на билети е таков каков што е во моментов.

Тоа е еден од проектите со слична судбина како базенот, болницата „Свети Еразмо“, автопатот и сè останато кое што овие неколку години стоеше. Да, тоа земјиште се продаде пред многу години со некаква намена, мислам на автобуска и мол или трговски центар. Тој трговски центар ја знаете сите судбината, делумно беше изграден и остана така додека не се пронајде инвеститор сето тоа да го направи. Меѓутоа истата компанија, во истата банка повторно заради неплатени или доспеани долгови и сè тоа што го зела како кредит за да може да ја финансира изградбата на автобуската станица, пропадна фирмата, ја заплени банката, банката има извршено продажба и така натаму. Меѓутоа најбитното од она што се поставуваше како поенти и прашања на неодамна одржаната седница на Совет е дека до нас како општина воопшто не е доставена документација за промена, измена, намена на некаков деловен простор. Така што доколку тоа се случи, имаме некакви сознанија или документација, ние секако дека ќе имаме тогаш став којшто ќе биде поврзан со самата продажба на земјиштето. А дека Охрид не може да остане без автобуска, тоа немам никакви дилеми, меѓутоа за тоа потоа. Се надевам дека во скоро време ќе се нормализираат состојбите токму на оваа тема.

Во однос на можноста за изградба на нова автобуска станица, тој рече дека урбанистичкиот план во кој е предвидена автобуска станица на една од локациите што ги поседува „Галеб“ е започнат пред повеќе години.

Тоа е урбанистички план којшто е започнат пред да станам градоначалник. Сега, годината дали е 2019, 2018 или можеби 2020 јас не можам точно да кажам, меѓутоа тоа е отпочнат урбанистички план во којшто на една од локациите коишто „Галеб“ ги поседува како имот, е предвидено да изградат автобуска станица. И тоа е нормално во близина на истава, за тоа дава друг лиценци, се грижи друг. Дали може да се предвиди во урбанистички план нова автобуска или не може, дали може да се гради или не може, сепак на крај зборот го дава Министерството за транспорт и врски. Од она што го имам како информација, сето тоа е возможно, меѓутоа да почекаме да се одвива процесот нормално и да стигне до некоја завршна фаза за да можеме да имаме и ние како општина став. Меѓутоа дека ќе останеме без автобуска, тоа нема, додаде Пецаков.

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска