Изградбата на плоштадот „Крушевска Република” капитален проект вреден 47 милиони денари, како и целосна реконструкција на улицата „Гоце Делчев”, проект тежок 36 милиони денари најавија градоначаникот на Општина Охрид Кирил Пецаков и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во рамки на кампањата „Промените на дело” во организација на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Плоштадот „Крушевска Република“ според проектот ќе добие нов и модерен изглед, со нова урбана опрема, канделабри, осветлување со лед светилки, фонтана, садници и клупи, канти за отпадоци. Од страна на НУ „Завод и музеј“ Охрид претходно беа спроведени археолошки истражувања во насока на утврдување дали и каков археолошки материјал има, со цел добивање одобрение за реконструкција.
Пецаков за годинава најави уште повеќе зафати во образованието, во културата, спортот и екологијата, како и уште повеќе инфраструктурни проекти во канализации, асфалтирање и поплочување.
Би ги издвоил целосната реконструкција на улицата „Гоце Делчев“, и реконструкцијата на плоштадот „Чинар“. Комплетно да ја менуваме атмосферската канализација, да изградиме велосипедска патека, паркинзи, нови тротоари како што доликува за Охрид. Проекти од заеднички интерес за сите. Раководењето на Охрид не е само инфраструктурата во градот и околните населени места, како улици и цевководи, што го сметам за редовна активност, туку и бара особено внимание за природата и културата, како Нацрт закон за Студенчишко блато, подготовка за прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата, дислокација на депонијата во Буково, изградба на прочистителни станици во селото Трпејца, Љубаништа и Горно и Долно Лакочереј, појасни Пецаков.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски нагласи дека Општина Охрид не е само туристички центар, туку колевка на македонската историја и духовност.
Охрид не е само град на езеро, не е само туристички центар, Охрид е душата на Македонија, колевка на македонската историја и духовност. Охрид нема да застане да ги живее промените, предизвикани со чесна и одговорна работа, рече Мицкоски.
OhridNews