Градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков најави дека се планира реконструкција и подобрување на инфраструктурата на Градските гробишта во Охрид, за што веќе е изготвен проект кој ќе се реализира постепено.

Направивме проект за гробиштата и аплициравме, врз основа на поделба на средства, преку Министерството за транспорт и врски каде има одредени суми кои можат да се искористат за патишта, инфраструктури. Имаме изготвено пресметка за гробиштата да добијат една нова генерална патна инфраструктура и ќе се почне постепено и коцките, плочки кои се поставени низ гробовите да се санираат. Постепено ќе се прави истото бидејќи потребни се средства, истакна Пецаков на последната седница на советот, на чиј дневен ред беа советнички прашања.

На седницата советникот Бесник Османи искажа забелешки за состојбата ма муслиманскиот дел од гробиштата. Претходно реагираа и граѓани.

Граѓаните се многу револтирани по минатиот Курбан Бајрам. Како што знаеме се гласаше на советот и поскапувањето беше изгласано. Но, ситуацијата на терен не е добра, рече Османи.

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков рече дека лично ќе ја провери состојбата.

Во понеделник ќе одам на сите места и таму каде вие лично мислите дека сметате како советник и јас каде ќе заприметам не само во едниот дел туку секаде каде што ќе има проблем, ако увидиме дека има ќе го решаваме, најави Пецаков.

Н.С.Ј.