Со свечена програма во организација на Општина Охрид и Сојузот на борци од Охрид и Дебрца во Домот на култура во Лескоец денес беше одбележан 11 Октомври – Денот на Народното востание против фашистичкиот окупатор.

Токму пред 85 години македонскиот народ избра храброст, тоа беше денот кога надежта за слобода прерасна во одлучност, а одлучноста во борба која остави траен белег во нашата историја. ​Овој голем празник е симбол на стремежот за достоинство и сведоштво за хероите кои во најтешки времиња се спротивставија, се жртвуваа и истраја во идеалот за слободна Македонија, рече во обраќањата пред присутните градоначалникот Кирил Пецаков.

Нивното дело не треба да го паметиме само како дел од минатото, туку како вреден аманет за иднината. ​Во народноослободителната приказна, Охрид и Дебрца имаат испишано своја важна историја, важна страница. Овие наши простори не останаа неми сведоци на времето, туку активно учествуваа во отпорот и ја платија својата цена за слободата. ​Многу борци и патриоти го избраа патот на отпорот, а за идејата за слободна Македонија многумина наши сограѓани го дадоа највредното, својот живот, посочи Пецаков.

Затоа кога денес го одбележуваме 11 Октомври, потецираше, ја чествуваме и нашата локална историја како неразделен дел од борбата за слободна татковина. ​

Историјата нè учи дека големите промени секогаш започнуваат во луѓе кои веруваат во подобро утре. Денес, таа одговорност е кај нас. Ние мораме да бидеме генерацијата која будно ќе го чува наследството што го добила и ќе остави нешто вредно за поколенијата кои ќе дојдат по нас. ​11 Октомври е наше потсетување дека слободата не е само право, таа е и обврска. Обврска секој ден да создаваме општество кое го почитува човекот и во кое младите ќе ја гледаат својата перспектива. ​Нека е вечен споменот на хероите, нека е честит Денот на народното востание, нека е вечен Охрид и нека е вечна Македонија, додаде Пецаков.

Програмата продолжи со „Музичко-сценска приказна за слободата што ја наследивме и заветот што го оставаме“ во која учество земаа хорот при ООУ „Ванчо Николески“ под менторство на проф. Тони Горгиевски, учениците од ООУ „Ванчо Николески“ под менторство на професорите: Емилија Блажеска, Елеонора Георгиеска и Ивана Крстаноска, актерите Владо Дојчиноски, Перуника Киселички, Дубравка Киселички и Марија Спиркоска Илиеска, како и музичките изведувачи Ѓоко Чеменкоски – вокал и гитара, Стефан Чеменкоски – кларинет, Бојан Маркоски – хармоника, Никола Илиоски – тарабука.

Предходно денес беше одржана и промоција на книгата „Ќерката на поетот“ од Тоде Илиевски – второ издание, во издание на „Креативна верига“ во НУ Библиотека „Григор Прличев“.

А вечерва од 20 часот во Културен центар „Култ“ – Охрид ќе биде отвоена изложбата на уметнички дела „Созерцанија“ од Томислав Танески.

Фото галерија:

Одбележан 11 Октомври – Денот на Народното востание

Н.С.Ј.

фото. А. Момироска