Во рамки на чествувањата на големиот национален празник синоќа во селото Велгошти се одржа културната манифестација „Ноќ спроти Илинден“.

Со чиста љубов и мисла се поклонивме во село Велгошти пред делото на Илинденците и Асномците кои со своите животи ги поставија темелите на современа, суверена и независна Македонија. Ноќва спроти Илинден гордо со крената глава славиме за македонскиот непокор за слобода и државност, истакна во обраќањето градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.

Илинден е празник кој врзува две епопеи и еден идеал, за слободна и независна Македонија. Синови и ќерки се бореа сонот за слободна Македонија да стане јаве. Двата Илиндена 1903 и 1944 година се темелите на македонската држава, јазик и идентитет. Наше е да го сочуваме наследеното, да ја осовременуваме и прилагодуваме на модерното време нашата мила татковина притоа вешто чувајќи ги нашите традиции, обичаи и култура. Да создаваме подобри услови за живот на нашите деца и идни поколенија, да не ги бркаме туку да ги вратиме дома крај родните огништа. Заедно да ја доградуваме и осовременуваме нашата Македонија. Започнавме и заедно со вас ќе продолжиме здравствено, образовно и инфраструктурно да ја усовршуваме затоа што татковината не се сака со зборови туку со дела. рече Пецаков.

Mанифестација „Ноќ спроти Илинден“ беше збогатена со пригодна културно-уметничка програма.

Празнувањето на Илинден во Охрид продолжува денеска со бројни свечености и манифестации.

OhridNews
Фото: Општина Охрид