Во изминатиот период работевме и како локална и централна власт на решавање на повеќе прашања поврзани со проектот за затворениот базен, а најголем дел од измените се однесуваа на машинското одделение на објектот, рече градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков, по вчерашната информација од Владата дека се обезбедени средства за продолжување и конечно завршување на неговата изградба.
Се решаваат доста работи околу самиот проект. Најголемиот проблем беше во машинското одделение, односно начинот на кој објектот ќе се снабдува со топла вода, но и потрошувачката на електрична енергија. Се решаваат сите оние работи кои како недостатоци беа забележани во самиот проект, но и во самата документација затоа што тендерот кога бил изведен во 2014 или 2015 година и започнат со градба, цените тогаш и после 12 години се сосема различни, и изведувачот кој го добил тогаш тенедерот немал можност под тие услови да го заврши, рече Пецаков.
Информираше дека сега се прават измени за поголема енергетска ефикасност и дека се разговара со потенцијални изведувачи.
Кога ќе се отвори тендерската документација ќе го добиеме и крајниот рок, не би сакал да врзуваме нешто само на перцепција и на она што можам да го видам, но не би требало да биде повеќе од година и пол, максимум две, рече Пецаков.
Инаку, Владата на вчерашната седница ја усвои точката со која се овозможува продолжување и завршување на изградбата на затворениот базен во Охрид, за што се обезбедени 470 милиони денари.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска











