Општината се раздолжи од тоа што го наследивме како долг кој достигнуваше околу 14,5 милиони евра кои претставуваа лош почеток за се тоа што ние го имаме планирано како локална самоуправа. Пред граѓаните настапив со десет капитални проекти од кои осум се завршени или отпочнати, а два поради законска процедура нема да можам да ги реализирам во овој мандат, вклучувајќи го ревитализацијата на Студенчишкото Блато и велосипедската патека Охрид-Св. Стефан, рече на денешниот настан во организација на ВМРО-ДПМНЕ насловен како Саем-Отчет по повод „4 години работа за тебе“, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

Иако имавме голем долг успеавме да завршиме проекти кои суштински влијаат на Охрид. Веќе е отпочната постапката за катната гаража, основно училиште преку 50 години во Охрид не било направено, а ние на 1-ви септември го пуштаме во употреба. Таков е случајот и со спортската сала во ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец. Веќе во среда или четврток ќе отпочнат активностите за пречистителната станица во Трпејца и многу други суштински проекти кои ќе донесат сериозни промени и инфраструктурно и реално врз основа на потребите кои ги имаме како најголем туристички центар. Ова е само почеток. Во наредните 4 години ќе имаме уште многу проекти кои ќе остават сериозен белег и на тоа Охрид како ќе изгледа, но и на тоа како граѓаните ќе ја променат својата перцепција, рече Пецаков.

Посочи дека како локална самоуправа наследиле проект за пречистителната станица во Трпејца кој вклучувал преку 28 пумпни станици, а согледувајќи ја ситуацијата со електричната енергија, биле поттикнати да направат нов проект.

Истиот предвидува примарна и секундарна канализациона мрежа која по гравитационен пат ќе ја носи отпадната вода до одредна точка, а понатаму со една пумпа ќе се води дирекно до пречистителната станица од каде ќе се испушта прва класа техничка вода во езерото. Сето ова на почеток изгледаше неизводливо, но почеток на градбата покажува дека од сето тоа што сме го направиле со професорите на Градежен факултет врз основа на Меморандум за соработка, сме повеќе од задоволни и ние како самоуправа, а  ќе бидат и граѓаните на Трпејца, Охрид и туристите. Оваа пречистителна станица ќе значи многу и иста таква понатаму ќе се предвиди и ќе се работи за село Љубаништа со што генерално 100% од територијата на брегот на Охридско Езеро ќе биде покриена со пречистителни станици. За функционирање на колекторскиот систем е задолжено државното јавно претпријатие Колектор кое има и тоа како предвиден инвестициски бум во наредниот период што за нас како град ќе значи многу, потенцираше Пецаков.

Според Пецаков, Охрид сега е град со кој може да се гордее секој негов жител бидејќи се направени сериозни промени.

Ова е само почеток продолжуваме со многу големи проекти и во наредните четири години, заклучи Пецаков.

Н.С.Ј.