Заложбите, посветеноста и заедничката работа на локалната и централната власт, институциите и сите чинители вродија со плод. Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот регион не е впишан на Листата на светско наследство во опасност и е даден дополнителен рок до 1 февруари 2031 година за реализација на препораките, вели градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.
Чест ми е да упатам благодарност за оваа одлука, која претставува значајна можност, но и дополнителна одговорност за сите нас. Тоа ќе значи дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно со спроведувањето на мерките за заштита на природното и културното наследство. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на реализација на капиталните еколошки проекти, одговорното урбанистичко планирање, зајакнувањето на системите за заштита на животната средина и доследната имплементација на препораките на УНЕСКО, посочува Пецаков.
Додава дека заштитата на Охридскиот регион не е обврска само на една институција, туку заедничка обврска на локалната и централната власт, институциите и сите граѓани.
Убеден сум дека со добра координација, континуирана посветеност и меѓународна соработка со Република Албанија ќе ги реализираме сите неопходни активности и ќе го зачуваме Охридскиот регион како светско природно и културно наследство за сегашните и идните генерации, додава Пецаков.
OhridNews













