Првата година од вториот градоначалнички мандат Кирил Пецаков ја заокружува со отчет за реализираните и започнатите проекти во Охрид, со фокус на инфраструктурата, заштитата на Охридското Езеро, образованието и младите. Меѓу позначајните инвестиции ги издвојува отпочнатата изградба на катната гаража во центарот на градот, реконструкцијата на градската и патната инфраструктура, пречистителната станица во Трпејца и продолжувањето на реконструкцијата на охридската Гимназија.

Според отчетот, првата година ја одбележале континуитетот на претходно започнатите проекти, но и отворањето нови капитални инвестиции.

Во централното градско подрачје отпочната е изградбата на катната гаража, која треба да придонесе за подобра организација на сообраќајот и паркирањето. Во изминатиот период се реконструирани и уредени плоштадот „Чинар“ и Холандскиот парк, а целосно се реконструирани улиците „Прилепска“ и „Аџи Мустафа“. Реализиран е и поголем зафат за асфалтирање улици во населбата Бараки, посочи Пецаков.

Инфраструктурни зафати, според Пецаков, се реализирани и во руралните средини. Асфалтиран е патот Лескоец–Велгошти, завршено е асфалтирањето во Горно и Долно Лакочереј по поставувањето на примарната канализациона мрежа, реконструиран е патот кон Завој, а асфалт е поставен и до црквата „Св. Наум“ во Орман и до манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Куратица.

На улицата „Кленоец“ е реализиран проект кој опфаќа реконструкција на водоводната линија, изградба на атмосферска и фекална канализација и ново асфалтирање, стои во отчетот.

Дел од инвестициите се насочени кон комуналната инфраструктура и заштитата на Охридското Езеро. На пумпната станица „Метропол“ е заменета опремата со нови енергетски поефикасни и автоматизирани пумпи, додека како еден од позначајните проекти Пецаков ја посочи пречистителната станица во Трпејца, наменета за подобро управување со отпадните води и дополнителна заштита на езерото.

Значителен дел од отчетот се однесува и на образованието и младите. Изградена е нова спортска сала во ООУ „Ванчо Николески“ во Лескоец, а продолжува големиот проект за реконструкција на Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во која до сега се инвестирани над 100 милиони денари.

Инвестиции и реконструктивни зафати се реализирани и во ООУ „Григор Прличев“ и во објектот „Росица“ на детската градинка „Јасна Ристеска“. Продолжува и доделувањето стипендии за ученици и студенти, а избрано е и идејното решение за нов Младински културен центар во просторот на поранешната касарна.

Во делот на спортот, Пецаков го издвои освојувањето на ЕХФ Европскиот куп од страна на ГРК Охрид како историски момент, додека во културата и манифестацискиот туризам ги посочи јубилејното петто издание на Ohrid Wine Festival, и традиционалните манифестации Ohrid Water Festival и Ohrid Jazz Festival.

Посебен дел од обраќањето беше посветен на статусот на Охридскиот регион под заштита на УНЕСКО. Пецаков оцени дека одлуката на Комитетот за светско наследство претставува признание на заложбите и дополнителна можност и одговорност за спроведување на мерките за заштита.

Одлуката на Комитетот, сепак, содржи и сериозни забелешки. УНЕСКО го нотира постигнатиот напредок во одредени области, но истовремено оценува дека вкупниот напредок во справувањето со деградацијата на атрибутите на исклучителната универзална вредност на Охридскиот регион останува ограничен и бара итно и континуирано спроведување на преостанатите препораки.

Македонија и Албанија треба до 1 февруари 2029 година да достават заеднички извештај за корективните мерки, по што е предвидена и реактивна мониторинг-мисија на УНЕСКО, ИКОМОС и ИУЦН. Ажуриран извештај за состојбата со заштитата и спроведувањето на мерките треба да биде доставен до 1 декември 2030 година, за разгледување на 53. сесија на Комитетот за светско наследство.

Пред нас е многу работа, нови проекти и нови предизвици. Продолжуваме посветено, со нашата јасна визија Охрид да биде современ, функционален и развиен град, со своето заслужено место на светската туристичка мапа, порача Пецаков.

Г.М.