Дали Охрид оваа туристичка сезона ќе има уредени плажи? И додека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека Планот за управување со Охридското крајбрежје со кој ќе може да се уредат плажите, односно да се пристапи кон давање под концесија под точно определени услови се уште е во изработка, градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков вели Планот не го гледа како реалност во блиска иднина, потенцирајќи дека срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи.
Планот за Охридското крајбрежје зависи од Агенцијата за просторно планирање и иднината и не му е баш така сјајна, вели Пецаков.
Според сите параметри што ги имаме и редовните состаноци со засегнатите страни, планот не би се донесол ни во наредните две години. Уште не ги имаат добиено подлогите за да го изработат Планот за управување со Охридското крајбрежје. Не можам ни да одговорам зошто е тоа така. Меѓутоа, во моментов планот е зависен и од тоа што теба да претставува Закон за Студенчишко блато што треба да се носи во Собранието на Република Македонија. Понатаму има план за управување и прогласување за Национален парк и некако овие планови се зависни еден од друг, а оваа процедура е закочена во моментов во Собранието. Во соработка со невладините имаме некое подобрување на тој Закон што може во иднина да се прифати од собранието. Во однос на уредувањето на плажите за претстојната туристичка сезона имаме план, но додека не го завршиме не можам да изнесам детали. Срамота е Охрид во 21 век да нема уредени плажи, додаде Пецаков.
Како што и претходно потенцираше Пецаков во неодамнешно интервју, за развој на туризмот во Охрид од суштинско значење се уредените плажи.
Убеден сум дека ова лето онаму каде што веќе има одредени објекти и постоеле плажи ќе можеме да ги издадеме да работат, а понатаму со носењето на Планот за охридското крајбрежје ќе знаеме точно на кое место можеме да уредиме плажи, по кои услови и слично. Тие ќе си имаат одредени услови кои треба да ги исполнат. На Охрид дефинитивно му недостигаат уредени плажи кога е во прашање туризмот, додаде Пецаков.
И министерот Бочварски потврди дека планот се уште се работи, а има и одредени дополнителни студии коишто согласно процедурите на УНЕСКО треба да бидат изработени.
Овој урбанистички план којшто ќе биде донесен историски гледано за првпат е со цел да се заштити крајбрежјето, а притоа и да се даде можност за одреден развој на тоа како што го планира општината, вели Бочварски, притоа неодговарајќи конкретно дали истиот ќе биде завршен до почеток на туристичката сезона.
Додаде дека кога станува збор за плажите, земјиштето е дадено на управување на општините, што значи дека е децентрализирано, исто како и урбанизацијата која што е децентрализирана во најголем дел од централната Влада кон општините.
Во однос на поставување на плажи имаме законски утврдена процедура во којашто се вели дека при можноста да се уреди плажа на Охридското крајбрежје или било кое друго крајбрежје во државата потребно е да имаме изготвено урбанистичко планска документација и потоа општината да оди со јавен повик за давање под закуп на тие површини кои се урбанизирани со намена за плажи и тој закуп е од една до пет години. Секоја општина која има донесено урбанистичко-планска документација а кога станува збор за Охрид дали е тоа во Генералниот урбанистички план во одредени зони каде што има таква намена тие може да отворат постапка за давање под закуп на одредени површини кои се со намена плажи согласно урбанистичка-планска документација, потенцира Бочварски.
Вели државата дава поддршка на општините Охрид, Струга и Дебрца и целиот овој регион за изработка на урбанистички планови за крајбрежјето со вредност некаде околу 30 милиони денари, во соработка со УНЕСКО, со цел да се донесе урбанистичко-планската документација после која ќе можат општините да постапуваат.
Н.С.Ј.