– Потребата од постоење на ваков регистар е повеќе од нужна, но и недвосмислена за повеќе институции, а пред се за Центрите за социјална работа, училиштата, градинките како и за граѓаните воопшто преку достапност на информации за лицата кои живеат во нивната околина, а кои се осудени за кривични поврзани за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, рече министерот Ристовски.
Регистарот содржи податоци за името и презимето, датумот на раѓање, адреса на живеење, кривичното дело за кое е осуден и фотографија. Во моментов регистарот има податоци за 100 осудени лица по основ на сексуална злоупотреба на деца и педофилија.
Осудените лица се должни согласно со Закон за посебен регистар на лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на деца и педофилија по истекот на изречената казна најмалку еднаш годишно, пет дена пред нивниот роденден и до крајот на нивниот живот да се пријавуваат кај надлежниот судски орган. Со оваа законска обврска овие лица ќе бидат контролирани до крајот на нивниот живот, а се со цел да се следи нивната состојба, движење и местоположбата.
Регистарот е од јавен карактер, достапен за сите граѓани кои преку пребарување во регистарот ќе можат на многу едноставен начин да добијат информации за лицата коишто живеат во нивната околина, а кои се осудени за кривични поврзани за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија.
Министерот упати апел до граѓаните да не го злоупотребуваат Регистарот , потсетувајќи дека сите оние лица коишто ќе ги злоупотребат податоците , со цел заканување, заплашување, вознемирување на осудените лица или на членовите на нивните семејства или на друг начин ќе ги злоупотребат објавените податоци, ќе бидат казнети со парична казна или затвор до шест месеци.
Регистар на лица осудени за кривични дела за сексуална злоупотреба на деца и педофилија официјално ќе и биде достапен на јавноста на www. registarnapedofili.mk