Менаџерот на Манчестер Сити Мануел Пелегрини изјавил дека во целост се разликува од тренерот на Челзи Жозе Мурињо, но дека не се непријатели.
„Кога неговиот тим победува, Мурињо ги зема сите заслуги. Јас тоа никогаш не го правам. Кога ја освоив Премиерлигата, не кажав ниту збор“, рекол Пелегрини во интервју за чилеанскиот Ел Меркурио.
„Немам никакви проблеми со Мурињо, тој не е мој непријател нема несогласувања меѓу нас, но на ’сите фронтови’ се разликувам од него. Не ме интересира да го анализирам како личност“, дополнил Пелегрини.
Манчестер Сити сезоната ја заврши на второто место во Премиерлигата со осум бодови помалку од шампионот Челзи. Пелегрини и во наредната сезона ќе седи на клупата на Сити, иако претходната сезона ја заврши без освоен трофеј.
„Кога играме со Челзи добивам впечаток дека играме против мала екипа со добри фудбалери. Но секоја личност е поинаква. За мене е голем тим оној кој има голем посед на топка и кој се обидува да постигне многу голови, тим кој секогаш игра за да победи“, заклучил Пелегрини.
„Макфакс“