Втора година во низа Пелистер триумфира на традиционалниот ракометен меѓународен турнир „Струга 2011“, кој се игра на теренот на женската плажа во Струга

    

    

    

Јубилејната десетта победа битолчани ја постигна откако во финалето беа подобри од велешки Борец со 21-16 (12-10). Пелистерци од самиот старт ја презедоа контролата врз мечот и во текот на сите 60 минути беа во предност. Добрата игра во одбраната беше дополнета со играта на голманот Петар Мисовски, кој беше избран за најдобар голман на турнирот.

– За ваката претстава морам да и се заблагодарам на мојата одбрана, која многу ми помогна да си ја завршам работата. Дојдовме во Струга да победиме и да го освоиме турнирот. Целта е исполнета – рече Мисовски.


Новиот стратег на битолски Пелистер, Ратко Ѓурковиќ, имаше можност со титула да ја почне новата сезона, а тој е задоволен пред сé од пристапот на екипата кон играта.

– Во прв ред задоволен сум во пристапот на играта, особено во овој подготвителен период сум задоволен од играта во одбрана. За нас важно беше да се одбрани овој трофеј, успешно ја почнавме сезоната, а исто така се надевам и ќе ја завршиме – рече Ѓурковиќ.

Во натпреварот за третото место Обилиќ со 38-23 ја победи младинската репрезентација на Турција, додека Металург Јуниор беше подобар од Спартак со 34-21 во мечот за петтото место. Најдобар играч на турнирот беше прогласен Славиша Димитриевски од Борец, додека најдобар стрелец со 23 постигнати гола беше србинот Александар Радовиќ.

М.П.