Гласот на комесарот Хан околу оценката дали се исполнети услови за избори на 24 април, нема да биде пресуден, смета Стево Пендароски. Тој денеска заедно со членови од раковоството на СДСМ  е во посета на Охрид, во рамки на која остварува средби со граѓани и членови на општинската организација на партијата.

Постои можност комесарот Хан воопшто и да не дојде во Македонија, неговата денешна изјава укажува токму на таков развој на настаните. Најреално мислам дека после неговите изјави кои ги даде во Скопје, простор за други изјави нема бидејќи објективно со тие изјави Хан влезе во директно асистирање на една од преговарачките страни и мене ми се чини дека е најдобро да препушти на други луѓе од меѓународната заедница и Македонија да проценат дали има услови за одржување на избори. Неговата изјава во Скопје беше дека три партии се договориле за избори и дека четвртата страна треба да се приклучи и реши што ќе прави во меѓувреме. Тоа беше изјава која не му доликува на непристрасен преговарач или олеснувач, смета Пендароски.

Според Пендароски изборите на 24 април се еднострано закажани. Тој вели дека во моментов не постојат услови тие да се одржат на овој датум затоа што не се исполнети клучните точки од Договорот во Пржино, пред се околу регулацијата на медиумите, пречистувањето на Избирачкиот список и обезбедување услови за непречена работа на СЈО, кое според Пендароски е под силен политички притисок.

Низ разговорите со граѓаните се обидувам да појаснам неколку важни точки и еден став дека Македонија не смее да си дозволи луксуз- да има еднострано закажани избори на 24 април не затоа што тоа не чини, е интерес или страв, туку затоа што не се обезбедени елементарни услови за фер и демократски услови. Минатиот август според договорот од Пржино требаше да биде договорена нормативната рамка за реформи на медиумите. До овој момент тоа е далеку од договор ,значи седум осум месеци потоа ние немаме нормативна рамка, а очигледно е дека европските стандарди во таа област ги подржува само една од четирите партии учеснички во преговорите.Избирачкиот список не е почнат со пречистувањето, а требаше таа процедура да биде завршена до овој момент ако се следи договорот од Пржино. По сите проценки, без два до три месеци интензивна работа и претходно оформена методологија таа работа не може да се заврши, вели Пендароски.

Тој потенцира дека една од најважните работи е тоа што работата на Специјалното јавно обвинителство со месеци наназад е опструирана.

Тие луѓе таму немаат основни услови за работа, немаа и претходно а сега се дополнително принудени да се справуваат и со кривични пријави кои замислете, оние кои го кршеле законот го поднесуваат за луѓето кои работаат во СЈО. Клучните столбови на пржинскиот договор не се имплементирани и поради тоа би било луксуз и опасно за Македонија да оди на избори на 24 април со цел да се направи ќејфот на две политички партии од актуелната влада кои и така месеци и години наназад ја злоупотребуваат власта која ја имаат, изјави Пендароски.

Тој додаде дека ако се оди на избори на 24 април по секоја цена, битката нема да биде рамноправна.

OhridNews