СДСМ на конгрес што се одржа вечерва во Скопје ја потврди кандидатурата на 51-годишниот Стево Пендароски за претседател на државата.

Обраќајќи се пред присутните Пендароски иостакна дека не чувствува само чест што е кандидат за оваа функција, туку и обврска, доколку биде избран да застанам на чело на едно широко граѓанско движење кое треба да ги донесе нужните промени во земјата. 

-Задоволство ми е што на овие избори влегувам како кандидат на здружената опозиција, на чело со Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, кои се единствената организирана сила која може да ја промени Македонија на подобро. Тоа е политичката структура која понесе голем товар и во борбата за создавање на современата македонска држава. Многу од нејзините субјекти се нераскинлив дел и од историјата на Македонската револуционерна организација која е заедничко, вредно наследство на сите Македонци.-рече претседателскиот кандидат Пендароски.

Тој пред делегатите го претстави својот концепт за Македонија, посочувајќи дека негова прва задача ќе биде да го врати достоинството и важноста на функцијата Претседател на Република Македонија.

-Во изминативе пет години таа важна институција доживеа деградирање беа преседан во поновата историја. Изминативе пет години, не само што немавме лидер и политичар со визија за Македонија, ние воопшто немаме претседател. Наместо глас на обесправените, наместо заштитник на граѓаните и обединувач на нацијата, добивме уште еден владин службеник кој ги аминува сите одлуки на законодавната и извршната власт.

Мојата лична цел е да бидам претседател кој ќе биде чувар на уставот, заштитник на граѓаните и обединувач на нацијата.

Нема да имам дилеми кога ќе треба да се спротивставам на било која злоупотреба на власта, да ги заштитам граѓаните од притисокот на оние горе кои изгубија контакт со реалноста. Во ниту еден момент, нема да се колебам да ги употребам сите овластувања кои ми ги дава Уставот за да се спротивставам на кршењето на човековите права, евидентното рушење на демократијата, ограбувањето на татковината и продлабочувањето на поделбите во земјата.  Најважна задача е да ја вратиме Македонија на нормален колосек. – рече Пендароски, кој говорот пред делегатите на СДСМ го заврши со зборовите „Македонија заслужува Претседател!“.

OhridNews