Да се биде дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот е голема привилегија, но и уште поголема обврска и кон нашите граѓани и кон нашите сојузници. Основната причина зошто сакаме да бидеме дел од Европската Унија и НАТО е поради темелните вредности на овие две заедници, каде клучната вредност е владеењето на правото и функционалната правна држава како основен услов за економски и социјален развој. Организираниот криминал и високата корупција кои, за жал, се дел од нашето секојдневие ја нарушуваат довербата на граѓаните во институциите и надежта за пристоен живот. Ова го истакна претсдтелот на државата Стево Пендаровски во обраќањето по повод Денот на армијата 18 Август.
Најважната обврска на нашата политичка генерација е воспоставување систем за ефикасно справување со криминалот и корупцијата. Длабоко сум убеден дека нашето политичко наследство ќе зависи најмногу од успехот во остварувањето на оваа задача. Историјата нема да ни прости ако и овој пат не бидеме на вистинската страна како што бевме и за време на Втората светска војна, рече Пендаровски
Без доверба во институциите ја ризикуваме и нашата национална безбедност. Ниската репутација и разочараноста на граѓаните од политиката и од нас, политичарите, креираат идеален амбиент за новите начини на поткопување на стабилноста и безбедноста, како што се хибридните закани. Најдобриот начин за борба против дезинформациите, лажните вести и останатите хибридни закани е токму високата доверба на граѓаните во демократските институции. А, таа доверба се заслужува само преку одговорна политика и бескомпромисна борба со оние кои ги кршат законите, независно од нивната функција и моќ. Ако не сме сите еднакви пред законот и ако политичката власт се користи за личното, а не за јавното добро, таквата држава нема перспектива. – истакна Претседателот.

Мојата врвна политичка заложба како Врховен командант, а тоа го очекувам и од новата влада е во следните години да ја оствариме зацртаната цел за вложување на најмалку 2% од БНП во модернизацијата и развојот на Армијата. Оваа заложба, заедно со новата влада и новиот парламент, ќе ја актуелизираме, особено во пресрет на подготовките за буџетот за следната година. Во овој контекст, сакам да подвлечам дека е неспорен и континуитетот на наше активно учество во мировните мисии предводени од НАТО, Европската Унија и Обединетите нации со што придонесуваме за глобалниот мир и безбедност. – рече Пендаровски.

Оваа година станавме 30-та членка на НАТО, организација на демократски и просперитетни држави. Членството е резултат на волјата на големото мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении. Неспорно е дека станува збор за исклучително историско постигнување кое ја гарантира нашата безбедност и ја јакне внатрешната кохезија на нашето мултиетничко оштество. – рече претседателот Пендаровски.

Одликувања со Орден за воени заслуги по повод 18 Август – Денот на Армијата
Претседателот и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска, на централната свеченост по повод одбележувањето на 18 Август – Денот на Армијата, со Орден за воени заслуги ги одликува Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави, Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции при Армијата на Република Северна Македонија.



OhridNews













