Втори август е исклучителен повод да се потсетиме и на историското и на современото значење на илинденската кауза. Таа историска епопеја не е само борба за слобода против тиранијата. Илинден, и Крушевскиот во 1903-та и АСНОМскиот во 1944-та, се уникатни по својот карактер, исто како што е единствена и нашата држава и нејзиниот пат кон независноста од 1991-та година до денес. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на Пелинце на одбележувањето на Денот на Републиката – Илинден.
Во ерата на националните романтизми и национализми, Илинден беше и остана симбол на неспорно изразената волја за своја држава, заснована врз републикански и демократски начела и слободниот живот на сите етнички и верски заедници во неа. Повеќе од еден век по Крушевскиот манифест и 76 години подоцна од Декларацијата на АСНОМ за основните права на граѓанинот на Демократска Македонија, не престануваме да се инспирираме од потфатот на тогашните револуционери. Нивната борба за човечки правдини во себе ги спојува хуманизмот, космополитизмот и солидарноста и ги поставува како темелно начело и врзивно ткиво на македонската државност. Нивната визија за меѓуетничка и меѓурелигиска кохабитација е реализирана во денешна Република Северна Македонија како заедничка татковина на нејзините граѓани, обединети околу принципите на слободата, човековите права, демократијата и солидарноста. – рече Пендаровски.

Здравствената криза која одамна премина во економска, политичка и морална криза во светот ќе биде со нас уште многу месеци и сериозно ќе го лимитира нашиот развој и аспирациите за подобар живот. Затоа ќе мора како држава што побрзо да најдеме начин како да ја обезбедиме социјалната правда и да ја поттикнеме економската активност и развој без да влеземе во вртлогот на финансиско задолжување и неконтролирано зголемување на јавниот долг. – додаде Пендаровски.

На сите ни е јасно дека освен животниот стандард, нашиот главен проблем е тоа што не сме сите еднакви пред законот. Нефункционалната администрација, високата корупција и неефикасното судство не се само пречка за побрзо интегрирање во Европската Унија, туку, многу поважно, тие се главната пречка за да живееме нормален живот во пристојно уредена држава. Нашите граѓани, со право, се разочарани кога гледаат дека обвинителството кое беше симбол на сите наши надежи за расчистување со организираниот криминал, се распадна како последица на тоа што и самото стана дел од организираниот криминал.
Секоја злоупотреба на функцијата, секој злоупотребен денар од јавните финансии, секој наместен тендер, секое влечење на судските постапки со години, секое малтретирање на граѓаните во административните коридори се причина повеќе за одлуката за заминување од државата на многу млади луѓе, за затворање или преселба на бизнисите во други држави и за енормното зголемување на фрустрациите и радикализација на граѓаните. – дециден е Пендаровски.

Да нема никој дилема, во нашата земја, сечија етничка и партиска припадност мора да се почитува, без исклучок, меѓутоа, партизирањето и етнизирањето на институциите го поткопува нивниот демократски капацитет и легитимитет и на краток и на долг рок. Граѓанското помирување е основен услов за функционирање на едно демократско плурално општество, а демократијата е претпоставка за економски развој. Тогаш кога ќе научиме дека политиката е битка на идеи, а не борба на живот и смрт и дека од промената на власта не смее да зависи остварувањето на правата и слободите на секој граѓанин, дури тогаш ќе имаме вистински демократска држава. – истакна Пендаровски.













