„Орден за заслуги за државата“ денеска доби Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, по повод 1000-годишнината од неговото основање. Ова високо државно одликување на епископот антаниски и игумен на Бигорскиот манастир, г. Партениј во претседателската резиденција на Водно му го додели претседателот Стево Пендаровски.
На доделувањето на Орденот присуствуваа и премиерот Зоран Заев, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, членови на Бигорската обител, претставници на верски заедници…

Бигорскиот манастир е едно од нашите најголемите духовни светилишта кое низ вековите и денес во континуитет претставува извор на писменост, култура и уметност. Бигорски не е само православен манастир и христијанско светилиште, тој отсекогаш бил прочуен на местото каде помош, поткрепа, човечки збор и утеха можеле да најдат сите без разлика на нивната верска, етничка и каква било друга припадност. Историјата на манастирот со не помалку и неговата духовна и културна мисија и ангажман лесно ги надминуваат државните граници и ги сплотуваат и обединуват луѓето, што сигурно е најблагородната можна кауза во светот од кој сме дел, истакна Пендаровски.

Потенцира дека и покрај убавите настани и јубилеи како денешниов оваа година ќе ја паметиме и по падемијата која од темел го промени нашето животно секојдневие.
Живееме во страв и претпазливост поради вирусот додека сме соочени со разните економските последици што тој ги предизвикува. Меѓутоа токму во вакви моменти повеќе од кога било ни е потребна верба, солидарност и меѓусебна почит, грижа и внимание, љубов подарување кон блиските, сиромашните, кон ранливите. Навикнати на комотноста секоја промена ја доживуваме фаталистички и многу полесно од порано дозволуваме да не совладаат нетрпеливоста, гневот и фрустрациите. Меѓутоа токму илјадагодишната приказна на Бигорски не подучува дека животот не е само мед и млеко и дека како што вели народната мудрост „во секое лошо има и по нешто добро“. Човековата историја памети и други апокалиптични субитија, но човечкот род секогаш излегувал возобновен со нови животни искуства. Така ќе биде и овој пат, додаде Пендаровски.
Епископот антаниски г. Партениј се заблагодари за Орденот и посочи дека со ова почесно одликување нашата држава покажува дека умее да го препознае и да го вреднува и она што според зборовите на Светото писмо е вистинско, чесно, праведно, чисто, љубезно, што е достојно за слава, она што е добродетел, што е за пофалба.
Светиот Бигорски манастир, истакна епископ г. Партениј, не само што веќе еден милениум ги озарува овие простори со зраците на Божјата светлина и светост, со словото на Боженственото евангелие, туку низ историјата одгледал духовни и општествени дејци заслужни за нашата духовност, образование култура и државност.
Секојдневно се сведоци на девалвирање на вредностите што се дел од човекот, на разноразни клевети, озборувања и лажни вести кои причинуваат штета во психосоматскиот систем на човекот, а особено на младите. Ете зошто денешново високо одликување од страна на највисоката државна институција на древниот Бигорски манастир како место на постојана молитва и патоказ за духовна генерација испраќа силна порака во нашето општество за тоа дека калта на овој свет не може да го засени блесокот на златото (севкупното христијанско наследство и Светото православно предание), што ја одразува светлината на Божјата убавина на благородството и на љубовта, додаде епископот г. Партениј.

Централна прослава на 1000 годишниот јубилеј ќе биде одржана в недела во Бигорскиот манастир. Одбележувањето ќе почне во 9 часот со Божествена архијерејска литургија, со која ќе чиноначалствува Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА. По завршувањео на литургијата, со пригодно слово кон присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.












