Во понеделник во 16 часот, на иницијатива на претседателот на државата Стево Пендаровски, ќе се одржи средба на Советот за безбедност на која покрај членовите ќе присуствуваат и министерот за здравство и првиот човек на Генералштабот на армијата.

Како што информираше претседателот Пендаровски, на прес конференцијата што се одржа попладнево во претседателската вила на Водно, на состанокот ќе се разговара за состојбата со корона вирусот, како и за сите мерки коишто се на располагање во случај на ескалација на состојбата. Како можна опција е и прогласување на вонредна состојба, со оглед на тоа дека Парламентот е распуштен, но и опцијата да се ангажира војската, како помош на МВР, без да се прогласи кризна состојба. Во секој случај, рече Пендаровски, нема место за паника, освен да се почитуваат во целост препораките дадени од владата за заштита од вирусот.

Во однос на претстојните избори, претседателот смета дека треба да биде разгледана и можноста за нивно одлагање, секако со консензус меѓу политичките партии.

Пендаровски на прес конференцијата информира и дека според информациите кои стигнале до него, се поизвесно е дека на 26 март Македонија и Албанија ќе добијат зелено светло за добивање датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Т.К.