Второто рочиште од главната расправа во судскиот процес за тепачката што се случи на 19 јануари во угостителски објект на кејот на Охридското Езеро, во која повреден беше секретарот на сега забранетиот Бугарски културен клуб „Цар Борис III“ во Охрид, Христијан Пендиков, денеска беше прекинато, бидејќи одбраната на обвинетиот Илија Спасески го напушти судењето откако не и беше усвоено барањето за одлагање на рочиштето со цел таа да се запознае со новото судско вештачење кое обвинителството го приложи на судот.

Побаравме согласно законот одлагање бидејќи се доставија нови докази, ново дополнение на вештачењето. Како сериозен адвокат не можам да се согласам да се приложат нови докази за кривично правниот настан, а да не знам што стои во тоа вештачење. – изјави по прекинот на судењето адвокатот Димитрија Цобоски.

Цобоски изрази сомневање дека судот има некаков притисок, бидејќи, како што рече, основно право на одбраната било да ги има сите докази. Според него, случајот Пендиков, предизвикал меѓународен и европски проблем.

Истата вечер имало и друг настан каде бил претепан човек од повеќе извршители, бил исто поврден, никој ниту го спомна случајот ниту излезе во јавноста. Ќе се бориме за апсолутна примена на закони и ако врз основа на доказите произлегува дека е виновен ќе си одговара тој што е виновен. Но во самото обвинение стои дека обвинетиот Илија со НН лице. Е па тоа НН лице кои повреди ги нанесе? – прашува Цобоски.

Судијата Бојан Мартиноски кој го води процесот, откако обвинетиот се изјасни дека му е потребен правен застапник за да се брани во процесот, судењето го одложи за 12 јули со напомена дека истото тогаш ќе продолжи без оглед дали одбраната ќе има нови или ќе ги задржи постојните адвокати, но и доколку ангажираните правни лица повторно го напуштат судењето. Трошоците за денешното рочиште паѓаат на товар на адвокатите кои го напуштија рочиштето, посочи судијата Мартиноски.

На денешното рочиште присуствуваше оштетниот Христијан Пендиков, кој  требаше да даде исказ за инцидентот во кој беше повреден. Тој пред новинарите изјави дека сега се чувствува подобро, но и дека му претстојат дополнителни прегледи бидејќи имал два напукнати пршлена, додаваќи дека се надева оти ќе може да патува на 12 јули кога е закажано следното рочиште. Запрашан дали се плаши за сопствената безбедност, тој одговори негативно.

Лично вака не се плашам, но сепак не е убаво чувството да добивате по 20-30 смртни закани на социјалните мрежи и на се што може да постои, да се читаш по коментари, не е добро чувството. – рече Пендиков во првата изјава за медиумите во Македонија по инцидентот од кога тој престојува во Бугарија, каде беше пренесен со владин авион.

Застапникот на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски смета дека од процесен аспект одбраната има право да побара одлагање, бидејќи имало дополнување на медицинското вештачење. Лекувањето, посочи, се уште трае и медицинската документација беше доставена подоцна. Тој потврди дека постои уште еден напаѓач на Пендиков, што се гледало и на снимката која беше изведена како доказ во судот.

Тврдењата на одбраната изнесени до сега паѓаат во вода. Одбраната тврдееше дека Христијан Пендиков не поседува бугарско државјанство, но веќе поседува. Тврди дека оштетениот е истепан од други лица, но на кобната вечер не постои запис во МВР дека постои друг кривични правен настан како тој и не постои друго лице кое се јавило во болница со такви повреди од таков кривично правен аспект. Генерално обвинението е основано, вели Камишевски.

Прашан за тоа на кој јазик ќе го дава исказот Пендиков, неговиот застапник рече дека ќе го дава на македонски јазик и оти ќе биде присутен на следното рочиште закажано за 12 јули.

Тука е роден, завршил основно образование и тоа претпоставува дека одлично го владее македонскиот јазик. Најверојатно ќе биде присутен на следното рочиште. Со оглед на тоа што се уште му трае лекувањето. Повредите се тешки и сериозни и има потешкотии при патувањето, рече Камишевски.

На барање на судијата Бојан Мартиноски на денешното рочиште беа повикани да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци, но тие искази ќе дадат на следното рочиште.

На првото рочиште, кое се одржа на 5 април беа презентирани видео материјални и писмени докази во процесот.

Г. Момироски