Ракометарките на Вардар први од македонските екипи ќе стартуваат со натпревари во 2016 година.Вардарки, во сабота, ќе го одиграат првиот натпревар во осминафиналната Група 2 против романскиот тим ЦСМ Букурешт.   

Вардар во групата, од претходната фаза, пренесе четири бодови, ЦСМ Букурешт и Ѓер имаат бод повеќе, додека европските шампионки, ракометарките на Будуќност се први со седум бодови. Зад Вардар се Митјиланд со три и Савехоф кој нема ниту еден бод.

Во новоформираната група Вардарки ќе одиграат шест натпревари (по два со ЦСМ Букурешт, Будуќност и Савехов), секој ќе биде од исклучително значење  бидејќи ваквиот систем на натпревари не нуди многу можности за исправање на евентуалните киксеви.

„Имавме доволно време за подготовка, Букурешт добро го анализиравме. Добро е што немаме никакви проблеми со повредени ракометарки. Треба да одиграме мирно во текот на сите 60 минути, за 10 минути не се победува тим од рангот на Букурешт. Тактиката е јасна, мора да играме цврсто во одбраната, да ги користиме контранападите, а во нападот да играме мирно“, рече тренерот на ЖРК Вардар, Индира Кастратовиќ.

Победа за успешен старт на 2016 посакува и Андреа Пенезиќ, која заедно со Андреа Лекиќ е најдобриот стрелец на тимот во првиот дел од сезоната во ЛШ со 29 голови.

„Букурешт е сериозен тим, очекувам голема борба. Ние добро работевме во паузата, подогтвени сме за борба против квалитениот противник. Целта ни е да забележиме победа. Никој не треба да си игра со нас во нашиот дом“, рече на прес конференцијата Андреа Пенезиќ, пренесува „Макфакс“.

Натпреварот ЖРК Вардар-ЦСМ Букурешт ќе се одигра в сабота од 17:30 часот. Покрај овој дуел во Групата 2 на програмата се натпреварите Ѓер-Будуќност и Митјиланд-Савехоф. 

Ohridnews