Традиционално 8-ма година по ред, Здружението на пензионерите од општините Охрид и Дебрца ги посетија своите колеги од Геријатрија. Со различни подароци и домашна храна која ја подготвија пензионерките од Активот на жени, зим беше посветено внимание на оваа постара категорија граѓани, која престојува во установата.
Претседателката на Активот на жени при Здружението на пензионерите, Ружа Павлоска, потенцира дека овие активности ќе продолжат и во иднина, како не би се заборавиле овие повозрасни граѓани.
„Како и во изминативе осум години, одлучивме после божикните празници да ги посетиме нашите колеги од Оддлението за геријатрија. Тие се наши пријатели, кои заслужуваат да бидат посетени. Во минатото и тие биле како нас. Согласно годинашната зацртана програмата, активностите ќе продолжат во периодот кој ни претстои.“ – вели Павлоска.
Главната сестра во Одделение за геријатрија, Соња Илоска, изрази огромно задоволство од овој гест, кој веќе неколку години се практикува од пензионерите од градот.
„Во името на целиот персонал, сакам да им се заблагодарам на пензионерите кои често не посетуваат. Пензионерките ни направија огромна чест, бидејќи нивните вредни раце и овој пат спремија богата трпеза. Нашите пациенти се радуваат, што ете не се заборавени од општеството.“ – истакна Илоска.
Таа потенцира дека „штитениците“ во оваа установа се често посетувани од роднините, побивајќи ги размислувањата дека луѓето кои се сместени во одделенијата за нега на стари лица, се отфрлени од најблиските.
„Ние и нашиот персонал се грижиме за нив како да се наши родители. Често се посетувани од членовите на нивните семејства. Капацитетите се исполнети, а се бара и кревет плус. Во моментов имаме околу 34 лица, на кои постојано им се пружи секојдневна грижа.“ – додава Илоска.
Најстарото згрижено лице кое веќе пет години престојува во Геријатрија, е 94 годишната Ева Бочева. „Тука ни е овозможено се и се чувствуваме како дома. Персоналот ни помага во секоја прилика. Постои дружба со сите оние кои се сместени во одделението.“ – истакнува Бочева, која со песна ги пречека пензионерите од градот.
Во иднина како што најавуваат од геријатриското одделение, се планира проширување на капацитетите, со цел да се задоволат потребите на граѓаните.
O.T.