Годинава во првите 9 месеци во евидентирани инциденти повредени се 101 ученик, од кои тројца се здобиле со тешки телесни повреди. Заклучно со 30-ти септември регистрирани се 109 случаи на насилничко однесување помеѓу ученици во училишта, од кои 69 во средни и 40 во основни училишта. Во еден случај е пукано со огнено оружје во воздух, во 2 случаи биле употребени остри предмети, во 9 случаи биле употребени тврди предмети, а најчесто, во 94 случаи, физичка сила. За сите овие инциденти поднесени се 5 кривични пријави против 21 сторител поради сомнение дека сториле кривични дела „убиство во обид“, „тешка телесна повреда“ и „насилство“. Против други 119 лица се поднесени барања за поведување прекршочна постапка заради „физички напад“, „предизвикување, поттикнување и учество во тепачка“, „нарушување на јавен ред и мир во заеднички простори, во двор или училиште“ и „занемарена грижа на дете од страна на родител или старател“. Овие податоци ги изнесе министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска на денешното потпишување на Договорот за долгорочна соработка помеѓу Министерството и Македонскиот центар за култура и развој, со што започнува нова фаза на третманот на превенцијата во општеството. Целта на договорот е превенција и зголемување на напорите за намалување на малолетничката деликвенција, за што дополнително ќе бидат ангажирани искусните, пензионирани полициски кадри.
-“Концептот – “Полиција блиска до граѓаните“ – и натаму останува наш приоритет, а сериозните истражувања реализирани од ОБСЕ и од други меѓународни организации кои покажуваат континуирано зголемување на довербата во полицијата за нас претставуваат поттик, но и знак дека сме на вистинскиот пат. Во тој концепт превентивното работење е еден од основите на полициското делување, бидејќи со тоа ги запознаваме граѓаните со нашите ингеренции, а ние одблиску се запознаваме со нивните проблеми и заедно се обидуваме да ги надминеме уште пред да ескалираат“, истакна меѓу другото министерката Јанкулоска.
Министерката рече дека најавената соработка предвидува ангажирање на волонтери во целата земја кои на дневно ниво ќе даваат свој прилог во превенцијата.
-Програмите „ГРАЃАНСКА ПРЕВЕНЦИЈА“ и „ЗДРАВ СПОРТ ЗА ЗДРАВО ОПШТЕСТВО“ и под проектите на МЦКР опфаќаат широк спектар на граѓанско делување, што е особено важно за вкупното функционирање на безбедносниот систем. Со воспоставувањето на оваа соработка влегуваме во фаза на подобрување на вкупниот амбиент, на многу подрачја, како: Превенција од насилства во средните училишта, Детската академија за превенција, Превенцијата од компјутерска манипулација, Превенцијата за време на спортските натпревари, Советот на навивачки групи на Република Македонија, и уште редица под проекти, вкупно 25. Секој под-проект има своја специфика и со негова реализација ќе се подобри конкретен сегмент от нашето општество. Министерстово дава целосна поддршка на програмите и под-проектите во нивното планирање и реализација, во организациона, лобистичка и логистичка смисла, а МЦКР ќе учествува како партнер во проектите и програмите на МВР, секаде каде за тоа ќе се укаже потреба.-додаде Јанкуловска.
Во реализацијата на програмите и проектите на МЦКР учестуваат и студенти од факултетите за безбедност во земјава, како и пензионирани поранешни вработени во МВР. Младите ќе добијат сериозно искуство, а пензионираните поранешни вработени во МВР ќе имаат можност да се вклучат во проектите и програмите на МЦКР и МВР, беше истакнато на средбата.
OhridNews