Дерби средбата помеѓу локалните ривали Лабуништа – Охрид ќе стави точка на првата рунда од пролетната полусезона во Втората македонска фудбалска лига-запад. Натпреварот се игра в недела во 14 часот на Градскиот стадион во Струга без публика поради мерките преземени за корона вирусот.

Првиот дуел, одигран во Охрид заврши 0-0, но Лабуништа два пати славеше во Куп пресметките во 1/8 финалето. Стратегот на Лабуништа, Пепи Џигероски има респект за Охрид кој беше најактивен во зимскиот преоден рок доведувајќи седум нови фудбалери.

Охрид како ривал ќе биде многу потежок од минатата полусезона. Клубот покажа голема финансиска моќ, доведувајќи квалитетни фудбалери во зимскиот преоден рок. Имав можност да го гледам Охрид во текот на подготовките и можам да кажам дека има респектабилна екипа. Лабуништа во дербито е фаворит само на хартија, а на теренот треба да ја оправда. Ние немавме некои драстични промени во тимот. Целта за висок пласман останува и затоа одиме на позитивен резултат во дерби средбата. – изјави тренерот на Лабуништа, Пепи Џигероски.

Со дуелот против Охрид, тимот на Лабуништа ја започнува пеколната недела исполнета со три натпревари. После средбата со Охрид, на Лабуништа ја очекува дуел со Брегалница во 1/4 финалето во Купот на Македонија и нов натпревар викендот од второлигашката конкуренција.

Дерби натпреварот со Охрид е важен како сите следни мечеви за нашата екипа. Искуството и домашниот терен се наша предност, но и Охрид сигурно си има свои адути. Сакаме да стигнеме до победата, која ќе ни биде мотив за тешката недела исполнета со три натпревари. Во сите дуели ќе влеземе борбено и со победничку дух. – рече капитенот на Лабуништа, Дејан Лескароски.

Главен судија на дерби натпреварот е Ндерим Тефику од Куманово.

OhridNews