Театарската претстава “Пер Гинт” во режија  на македонскиот режисер Александар Поповски и во изведба на загрепскиот театар “Гавела”,  ќе биде дел од овогодишното јубилејно издание на Охридско лето. Ова одлука ја донел селекторот  на драмската програма на оваа врвна културна манифестација, Ѓорѓи Јолевски, откако деновиве  ја погледнал премиерата на оваа претстава во Хрватска.  

Претставата “Пер Гинт” е работена според текстот на норвешкиот драматаург Хенрик Ибзен, а со музика од битолската група “Фолтин”. Сценографијата на претставата е на групата “Њумен”, а костимографијата на Марите Чопо. Пер Гинт во преставата го игра Озрен Грбарчиќ, а во останатите улоги играат Алма Прица, Дијана Видушин, Наташа Јаниќ, Ксенија Пајиќ, Божидар Бобан, Свен Шестак и други познати хрватски актери.

Директорот на фестивалот, Тони Симоноски, кој присуствуваше на премиерата во Загреб, изрази задоволство што ова врвно театарско остварување ќе биде дел од јубилејното Охридско лето, дотолку повеќе што загрепскиот театар е дел од историјата на најзначајната културна манифестација во земјава.

Во рамки на премиерата на претставата „Пер Гинт“ во Загреб беше одржана презентација на фестивалот Охридско лето на кој присуствуваа истакнати уметници, менаџери и претставници на еминентни културни манифестации од регионот.

OhridNews