Македонската кошаркарска легенда, Перо Антиќ ја официјализираше кандитурата за прв човек на Македонската кошаркарска федерација (МКФ), а неговиот тим ја презентираше програмата со која ќе се бори за престолот. Во тимот на Антиќ се наоѓаат некогашниот репрезентативец Тодор Гечевски и Владими Георгиески.

  • Мора да се почне од обезбедување на генерален партнер на лигите. Во завршни преговори сме, но пред се треба да поминат изборите за да се финализира тоа. Што би значело тоа? Тие котизации што се од секој клуб, таа сума да биде сведена на награден фонд, затоа што освен трофејот како задоволство, клубовите немаат добивка. Котизациите се многу високи, ќе ја намалиме за 20%, а во текот на мандатот ќе гледаме да се сведе на минимум. Исто е и за казните. Казни мора да има, но не треба да биде дека федерацијата живее од тие казни. Мора истите да ги намалиме, а дел од нив да бидат со 50% пренасочени во сите други здруженија. Сакаме и финансиски стимул во женската кошарка. Ќе бараме од секој сектор да се даде поголем епитет за развој на женската кошарка, затоа што знаеме на кој стадиум ни е сега, а со инвестиција во женската кошарка, ќе имаме поголем напредок уште од стартот. Сакаме да најдеме и спонзор за опрема на клупско ниво, односно сите да можат да набават опрема за тренинг и натпревари. Со нашите врски и познанства, мислам дека Македонија ќе има една добра соработка со сите европски федерации. – изјави Антиќ, a пренесува „Гол.мк“.

Програмата за националните селекции ја презентираше Гечевски. Тој изјави дека фокусот на „тимот од Антиќ“ ќе биде младинската кошарка и популаризацијта на кошарката како спорт во нашата земја.

  • Знаеме каде беше сениорската репрезентација. Учествуваше на неколку ЕП во континуитет, а сега сме во квалификации за квалификации за големиот собир. Ние како тим, сакаме да обезбедиме многу подобри услови за членовите на нашата репрезентација, односно подготовките да се одвиваат во европските спортски центри. За да имаме добри резултати, ни се потребни реномирани тренери од странство за едукација и за помош. Сакаме сите да бидат горди да го носат националниот дрес. Сакаме да бидат сигурни кога играат за Македонија.  За да имаме сениорска репрезентација на такво ниво, мора да имаме и добри младински категории. Без нив нема ниту клубови, ниту репрезентација. Сакаме да дадеме голем акцент на развојот и на помош на сите младински школи, кои имаат во интерес да создадат нови репрезентативци и клупски играчи. Исто така, сакаме и објект кој ќе биде во корист на МКФ, а ќе се има сала, вежбалница и секакви услови, за младите кои сакаат да се занимаваат професионално со кошарка, да работат и да напредуваат.  Тука ќе ги споменам и лигите. Сакаме генерален спонзор на лигата, кој би ги покрил трошоците на натпреварување, за да се намалуваат котизациите. Ќе ги искористиме сите наши врски и конекции како кошаркари, за македонските клубови да играат во Европа. – истакна Гечевски.

Георгиевски говореше за маркетингот кој е многу важен сегмент во силните национални лиги.  – Сакаме да формираме нешто што досега не било пракса и формирано, а во европските земји на голема врата се користи. Сакаме да воведуваме нов сектор за маркетинг, чија задача ќе бидат само маркетинг-активностите. Тој сектор нема да биде само на Федерацијата, туку ќе биде поврзан и со клубовите и со сите тела на Федерацијата. Исто, ќе се работи и развивање на дигиталниот маркетинг, односно искористување на интернетот и можностите за повзрување на европските клубови со нашата земја. Тука се и „Фејсбук“ и „Инстаграм“ мрежите, како и „Јутуб“ канал на Федерацијата, на кој ќе може да се следат сите натпревари од лигата во секој момент. Планираме и членска картичка, која ќе носи привилегии. Ќе биде наменета за сите што на секој начин се поврзани со Федерацијата.

Изборите за нов претседател на МКФ се закажани на 15 мај, а ривал на Антиќ ќе биде Владимир Темелковски кој е актуелен спортски директор. Иако се шпекулира со уште неколку имиња тие ја немаат поднесено потребната документација до МКФ.

OhridNews