Перспективите на македонската и на економиите од регионот, можностите и предизвиците што се исправени пред компаниите, развојот на пазарот на капитал, трендовите во дигиталната трансформација на компаниите, како и други теми од областа на финансиите и берзите се во фокусот на дискусиите во рамки на 24. Конференција на Македонската берза што традиционално се одржува во Охрид.

Повеќе од 240 учесници од седум држави овие два дена ќе можат да слушнат за најновите трендови од областа на стопанисувањето со комапниите, берзанското работење, светските движења на капиталот, искуствата на другите пред 36-те предвидени интервјуа, излагања, предавања, осврти на експерти по односната проблематика.

Главниот и извршен директор на Македонската берза, Иван Штериев, пред почетокот на собирот истакна дека во текот на првите три квартали од оваа година прометот на берзата е на ниво на ланската од некаде сто милиони евра што, според него, е добро постигнување.

И после ланската најдобра година во последната деценија, Македонска берза и во 2025-та функционира доста добро. Вкупниот промет до овој момент изнесува околу 100 милиони евра, цените на акциите бележат умерен пораст од 2,5%, а индексот МБИ10 е за 125% повисок во споредба со предпандемиската 2019 година. Со тоа, Македонска берза останува со најдобри статистички перформанси во регионот на Западен Балкан.

Тој потсети и на големото достигнување – вклучувањето на Македонска берза како единствена берза од земја која не е членка на ЕУ во новиот интеграциски проект на пазарите на капитал, заедно со земји од Централна и Источна Европа, под покровителство на ЕБРД и со силна поддршка од Европската Комисија.

Ова е признание дека и малите пазари може да бидат дел од големите приказни, кога има јасна стратегија и континуирана работа. Нашата амбиција е да покажеме дека берзата не е само место за тргување, туку и мотор за економски развој и креирање нова вредност, нагласи Штериев.

Министерството за финансии вложува напори да создаде услови пазарот на капитал, како еден вид мотор на економијата, да работи посилно и постабилно. Тој е извор на енергија за компаниите што сакаат да растат, да иновираат и да отворат нови работни места, па оттука нашата цел е да создадеме современ, транспарентен и конкурентен пазар кој ќе ги следи европските стандарди, но и ќе одговара на потребите на домашната економија, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во своето обраќање.

Наведувајќи дека домашниот пазар иако стабилен тој е релативно мал и често недостасува ликвидност, што е клучен фактор кога компаниите бараат долгорочни средства, особено малите и средните претпријатија, министерката потсети дека во август беше направен важен чекор со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу министерствата за финансии на Македонија, Бугарија, Хрвтска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.

Со овој чекор ја покажавме нашата решеност да не останеме изолирани туку да бидеме дел од една поширока регионална мрежа. Со поврзувањето на пазарите им даваме шанса на компаниите полесно да дојдат до капитал, да ја зголемат конкурентноста и да најдат партнери надвор од границите на земјата. На тој начин ние не само што го јакнеме пазарот на капитал, туку и ја поттикнуваме економијата да расте побрзо и поодржливо, потенцира Димитриеска-Кочоска и изрази надеж дека со регионалната соработка, преку потпишувањето на овој Меморандум, ќе се обезбеди поголема дисперзија за тргување, односно ќе се зголемат и обемот и квалитетот на тргувањето.

Пред присутните таа истакна дека паралелно се работи и на регулаторната рамка и дека се усвоени измени на два клучни закона во оваа област – Законот за финансиски инструменти и Законот за проспект и транспареност на издавачите, а сѐ со цел сите учесници да имаат доволно време да се подготват и предвидената реформа да се спроведе квалитетно.

Сакаме системот да биде стабилен, доверлив и да работи во интерес на сите. Да ги искористиме сите можности што се отвораат пред нас, да се поврземе повеќе, да си веруваме повеќе и да бидеме посмели во нашите чекори, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески истакна дека во постпандемичниот период, трговската отвореност на нашата економија, во просек, достигна околу 150% од БДП, што ја зголемува чувствителноста на промени во надворешното опкружување. Според него, во моментов најизразени се неизвесностите поврзани со новите трговски политики на САД и потенцијалните реципрочни мерки од големите светски економии.

Трговските тензии се надоврзуваат на постојната неизвесност поврзана со геофрагментацијата, политичките нестабилности и состојбата во германската автомобилска индустрија. Исто така, брзиот развој на технологијата и вештачката интелигенција, кои нудат огромни можности, истовремено можат да предизвикаат и зголемени ризици за монетарната политика во иднина.

Во однос на одговорот на монетарната политика на ваквите предизвици, тој подвлече дека е неопходно одлучувањето да се темели врз широк спектар податоци и анализи, изготвување алтернативни сценарија и пред сè – врз посветеноста на ценовната стабилност на среден рок и стабилноста на девизниот курс.

Народната банка останува подготвена да одговори на евентуални непредвидливи предизвици, потпирајќи се на искуството од справувањето со екстерните шокови во минатото. Од суштинско значење е одржувањето на независноста на централната банка и кредибилитетот на нејзините политики. Солидното ниво на девизни резерви е гаранција за стабилноста на девизниот курс на националната валута, истакна гувернерот.

Годишната конференција е традиционален настан којшто го организира Македонската берза, а на кој учествуваат претставници на клучни чинители на финансискиот сектор.

Н.С.Ј.

Фото: Ива Јовановиќ