Владата има големи инвестициони планови и проекти за обезбедување квалитетно снабдување со енергија изјави вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој денеска во Охрид присуствуваше на отворањето на на советувањето на Македонскиот комитет за големи електрични системи.
-Се што прават МЕПСО и ЕЛЕМ спаѓа во дел на она што значи директна поддршка на владата, но и креирање соодветна регулатива и создавање услови за приватните инвеститори во делот на обновливите извори на електрична енергија, како и во најавите за некои поголеми инвестиции од областа на енергетиката каде ќе биде отворен и пазарот за приватниот капитал. Сето тоа е во насока на обезбедување квалитетна електрична енергија за потрошувачите и енергетска независност на Република Македонија.-изјави Пешевски.
Што се однесува до цената на електричната енергија, Пешевски посочи дека утврдувањето на чинењето на електричната енергија е во ингеренции на Регулаторната комисија за енергетика, но смета дека токму со формирање на ефикасни пазари на електрична енергија согласно моделот на берза може да придонесе таа да се набавува по пониски цени. Тоа според вицепремиерот во иднина би значело помало покачување на цената на електричната енергија, па дури и можност за поевтинување во услови на намалување на цената на електричната енергија во глобални рамки, тренд забележан минатата година.
На осмото советување на Македонскиот комитет за големи електрични системи во Охрид ќе бидат претставени 120 научни трудови, како и најновите технички и научни достигнувања од областа на енергијата.
OhridNews