На 60-та седница на советот на општина Охрид, последна во овој спостав, покрај членовите на градското собрание, во големата сала присутни беа и дваесеттина жители на Пештани кои повеќе од 12 години водат битка за денационализација на имоти во Градиште. Причина за нивното доаѓање на седницата на советот е што меѓу предложените над 100 точки за легализација на бесправно изградени објекти се наоѓаат и атрактивни имоти во Градиште, за кои тие водат судски и управни спорови.

Советникот од Пештани Ѓорѓи Танески побара поради значењето оваа точка да биде поставена како прва на се уште не отпочнатата седница и своетниците да гласаат против.

-Тука се работи за 49 катастарски парцели кои се во процес на денационализација, односно во постапка за враќање на имотите. Се работи за 150.000 метри квадратни земјиште на кое право полагаат 200 семејства. Доколку се донесе предложената одлука нив ќе ги ставиме во многу незавидна ситуација, а поднесителите на барањата за легализација во авто кампот Градиште ќе можат да ја завршат таа легализација и да го приватизираат земјиштето под објектите, со што ќе бидат оштетени наследниците кои водат постапка за враќање на тие имоти, изјави советникот Ѓорѓи Танески.

Наум Цаноски, наследник на имот во Градиште истакна дека во Градиште народот од Пештани од памтивек поседувал имоти кои им биле единствен извор на егзистенција.

-12-13 години водиме разговори со властите за решавање на ова прашање, но тоа се уште не е решено, за разлика од МПЦ на која по кратка постапка и беше вратен имотот во Градиште, рече Цаноски.

Според најавите продолжението на 60-та седница на советот треба да се одржи попладнево.

OhridNews