По повод одбележувањето на 5 јуни – Светскиот ден за заштита на животната средина, во организација на еколошкото друштво Грашница, вчера на плоштадот Крушевска Република, беше поставен штанд на кој беа поделени флаери под мотото: „Борете се против пестицидите – заштитете се себеси и животната средина“.
Како што информираат од ЕД „Грашница“, пестицидите претставуваат јавен проблем, а се употребуваат од страна на земјоделците за да се уништат непожелните организми или растенија.
„За жал, тие често убиваат многу потребни и корисни микроорганизми во повчата, постепено деградирајќи ја и осирмашувајќи ја од хранливи состојки кои се потребни за раст на здрави растенија. Исто така, тие создаваат отровни истекувања кои протекуваат во подземните и површинските води, делувајќи врз живиот свет и достапната вода за пиење.“ – велат од ЕД „Грашница“.
Во последно време доаѓа и до опаѓање на бројот на пчелни семејства, што според бројни истражувања и анализи се должи на прекумерната употреба на пестициди.
„Присуството и употребата на овие агенси се поврзува со најразлични заболувања како на нервниот систем, карциногени ефекти, низа хормонски нарушувања и штетно влијание на кожата, очите и белите дробови. Исто така, мора да се знае дека децата се особено ранливи на изложување со пестициди.“ – додаваат од охридското Еколошко друштво „Грашница“.
Постојат низа мерки кои земјоделците треба да ги земат во предвид како би ја заштитиле целокупната животна и човекова средина од штетното влијание на овие агенси.
„Земјоделците треба да употребуваат биолошки препарати за заштита и губрење, а во овоштарниците и градините да постават куќички за птици, бидејќи тие се ефикасни во борбата против голем број инсекти-штетници и нивните ларви. Меѓу останатите мерки се користење феромонски стапици за штетни инсекти, котистење домашни биолошки ѓубрива и инсектициди како раствор од коприва, механички методи за отстранување штетници како и премин кон органско производство.“ – велат охридските еколози.
Инаку, пестицидите можат да се најдат во храната и водата за пиење, а од животната средина се пренесуваат преку ветрот, водата и правот.
O.T.