Близу 1000 соопштенија за случени безбедносни настани, преку медиумите до граѓаните, во изминативе пет години испратил Секторот за внатрешни работи Охрид преку својата канцеларија за односи со јавноста.

Во оживотворувањето на идејата за целосна транспарентност, Министерството за внатрешни работи на Република Македонија како демократска институција, во февруари 2008 година, во сите осум Сектори за внатрешни работи оформи канцеларии за односи со јавноста и наименува портпароли.  Со тоа се даде силен импулс во продлабочувањето на отвореноста на полицијата кон граѓаните но и во креирањето на вистински професионален и партнерски однос помеѓу полицијата и медиумите., велат од СВР Охрид.

 
-Во обезбедувањето и презентирањето на релевантните и официјални информации и ставови на Секторот за внатрешни работи Охрид, канцеларијата за односи со јавноста ги практикува современите алатки за комуникација и медиумско покривање на полициското работење. Во таа насока, реализирани се 184 прес конференции, 438 изјави, 321 брифинг средби со домашни и странски  новинари и 45 гостувања во емисии на локални и национални електронски медиуми. Со новинарите остварени се посети на лице место каде е извршен одреден криминален настан а предновогодишните средби со претставниците на медиумите, со невладините организации и граѓанските здруженија, веќе  се традиција на СВР Охрид. – информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Тој истакна дека во изминатиот петгодишен период, канцеларијата за односи со јавноста при СВР Охрид,  настојувала да обезбеди редовна, активна, отворена, ефикасна и ефективна комуникација со медиумите и проактивен однос со новинарите на локално и регионално ниво. Главната идеја и цел беше брзо, навремено и точно информирање на општата јавност за полициските активности поврзани со случени криминални настани, со полициските мерки за зачувување на јавниот ред и мир, заштита на животот, личната сигурност и имотот на граѓаните односно за севкупното полициско работење насочено кон решавање на безбедносните проблеми и подобрување на степенот на безбедност и сигурност, додава Димоски.

OhridNews