Пред точно 5 години во магливо утро на автопатот Белград – Загреб кај Нова Градишка во тешка сообраќајна несреќа згасна животот на големата балканска музичка ѕвезда, Тоше Проески.
Тоше Проески 1981 – 2007
Иако имаше само 26 години зад себе остави импресивно музичко наследство. Издаде седум студиски албуми и испеа голем број хитови кои и ден денес се вртат на радиостаниците во земјите од опкружувањето. Посебно место во неговиот музички опус имаше македонската изворна музика, која благодарение на неговите преработки силно се реафирмираше.
Тоше беше голем хуманист и човекољубец, верник и почитувач на традицијата. За време на неговиот живот го започна обновувањето на манастирот Свето Преображение во неговото родно Крушево, над кое сега се издига 33 метарски крст, како исполнување на неговиот сон.
Тоше остави длабока трага во срцата на луѓето и многумина го чувствуваа како свој најблизок. Обожавателите го прогласија за ангел, а неговото вечно почивалиште стана светилиште.
Еден од многуте незаборавни настапи на Тоше во живо – со оркестарот на РТС
Петгодишнината од смртта на Тоше ќе биде одбележана и во неговото родно Крушево. На вечното почивалиште на Гумење ќе се одржи помен, а се очекува и пристигнувањето на ултрамаратонците кои во чест на Тоше тргнаа од Нова Градишка.
Во чест на Тоше Проески Македонската радиотелевизија денеска подготвува специјална програма насловена како „Во срце засекогаш“. Во текот на целиот ден ќе се емитуваат низа мултимедијални содржини, посветени на големиот пеач и хуманист. Своевиден спектакл во спомен на Тоше ќе се случува пред почетокот на фудбалскиот натпревар помеѓу репрезентациите на Македонин и Србија што вечерва се игра на арената „“Филип Втори“ во Скопје.
Специјалната емисија што во чест на Тоше ја подготви српската национална телевизија РТС во 2011 година
Многу многу многу човек –
Белки цело човештво е!
Чунки живо божество е!
Има еден има човек
Од човека почовек е:
Прецедена човештина!
Препечена убавина!
Топлината на душата
Ти ја дава да се згрееш;
Бистрината на главата
Ти ја дава да успееш…
Тој со зборови те гледа,
Тој со очите ти збори –
Малкузборник — многусторник
Те облекува во грижи.
Го сретнеш ли, ти среќата
За цел живот ќе ја имаш,
Го видиш ли — видовит си,
Го снема ли — тешко тебе!
Има таков многучовек,
Твоето е да го бараш.
Крушево -песната за родното место на Тоше
во изведба на легендарните Влатко Дтефановски и Раде Шербеџија
Непосредно по тажната вест за трагичната смрт на Тоше Проески, илјадници млади, повозрасни, граѓани на Охрид излегоја на градскиот плоштад и тивко и достоинствено се простуваа од идолот на нацијата со палење свеќи.
Утрото по смртта на Тоше во кафулињата околу Плоштад беше тивко, луѓето ги читаа весниците преполни со текстови за непрежалениот македонски херој. Охриѓани се поздравуваа со „Добар ден“, се трудеа да не покажат дека длабоко во себе тагуваат неизмерно. „Џабе зборуваме, убајната замина засекогаш“ рече еден наш човек. Загубата е неповратна. Илјадници стихови и последни поздрави напишани од ученици, студенти, млади… сведочат и ќе сведочат за големината, за херојството, за патриотизмот на Тоше.
Нема утеха. Животот оди понатаму. Засекогаш во нашите срца ќе бидеш. Слава ТИ.