Два сребрени и три бронзени медали освоија младите натпреварувачи на Македонската традиционална таеквон-до федерација (МТТФ) на меѓународниот ИТФ турнир „Плевен Опен 2026“ за деца до 14 години, што се одржа изминатиот викенд во Бугарија.
Под водство на Марјанчо Лазаревски, Федерацијата ја претставуваа шест натпреварувачи — пет од клубот „ХВА РАНГ ИТФ“ од Лескоец–Охрид и еден од „СОНКАЛ“ од Мислешево–Струга. Сите настапија во дисциплината спаринг, односно борби.
Сребрени медали освоија Емилија Трајческа, во категоријата до 35 килограми за девојчиња од 8 до 9 години, и Ива Наумоска, во категоријата до 40 килограми за девојчиња од 10 до 11 години, двете членки на „ХВА РАНГ ИТФ“.
Со бронзени медали се закитија нивните клупски колешки Меланија Стојанвска, во категоријата до 30 килограми за девојчиња од 10 до 11 години, и Миа Танеска, во категоријата над 55 килограми за натпреварувачки од 12 до 13 години. Бронза освои и Кристијан Гагалески од „СОНКАЛ“, во категоријата до 30 килограми за момчиња од 10 до 11 години.
И покрај силната конкуренција, постигнаа одличен успех, освојувајќи два сребрени и три бронзени медали. Ме радува што имаме млади генерации кои ветуваат светла иднина за нашиот спорт и кои се пример за нивните генерации – изјави Марјанчо Лазаревски, претседател на МТТФ.
Тој упати благодарност за поддршката до генералниот спонзор „ПН Метал“, Општина Охрид и Министерството за спорт.
Следен предизвик за натпреварувачите на Федерацијата е „Србија Опен 2026“, најавен за 24 октомври. Според Лазаревски, неколкумина од нив ќе се обидат да ги исполнат критериумите за учество на следното Европско првенство во таеквон-до ИТФ во Белград.
OhridNews














