Двајца полицајци се полесно повредени, а три други лица пријавиле дека биле физички нападнати во вчерашниот протест на поголема група млади луѓе кои бараа брзо расчистување на петкратното убиство кај Смиљковци. Во протестот се оштетени и повеќе објекти, објави МИА.

Министерството за внатрешни работи информира дека се приведени десетина лица, меѓу кои пет деца. По целосното документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Во соопштението од МВР се наведува дека протестот започнал околу 17 часот без претходна најава при што кон Владата биле фрлани камења и тврди предмети. Притоа, искршени се три до четири стакла. Групата се упатила во правец кон Бит Пазар, по што во непосредна близина на АД „Македонска Пошта“ од страна на повеќе лица е оштетено патничко возило „крајслер“, сопственост на МВР, при што е скршено задното ветробранско стакло и направени се вдлабнатини по возилото.  Од страна на полицијата, со употреба на средства за присилба, на групата не и е дозволено да се движи во насока кон Бит Пазар, по што групата се упатила кон мостот Гоце Делечев, а оттаму кон Камениот мост и плоштадот Македонија, за на крај да стигнат до Собранието, од каде во помали групи се движеле низ централното градско подрачје.

Во текот на движењето своето незадоволство го искажувале со викање и фрлање камења и тврди предмети, при што се оштетени два билборди на улицата „Теодосиј Гологанов“ и улицата „Македонија“.

СВР Скопје превзема интензивни мерки и активности со цел спречување на евентуално нарушување на јавниот ред и мир на подрачјето на град Скопје, како и за пронаоѓање на останатите инволвирани во нарушувањата на јавниот ред и мир.

OhridNews