Хуманиот третман на бездомните животни остана само чиста лага на власта на СДСМ, градоначалникот Константин Георгиески и директорот на ЈП „Охридски Комуналец“, Љупчо Грданоски, рече на денешната прес конференција Лидија Петкоска, претседателката на Унија на жени ОК Охрид и советничка во Советот на општина Охрид.

  • За тоа сведочат потресните фотографии и видеа кои ги објавуваат граѓаните. Искасани граѓани, отруени, болни, тепани и убивани животни на улиците во општина Охрид. Наместо градење стационар, имаме револтирани и беспомошни граѓани. Зошто и покрај неколкуте одлуки на Совет и обезбедените 1,300,000 денари средства од Буџетот на општина Охрид сѐ уште нема ништо од функционирањето на стационарот?, праша Петкоска.

Додаде дека и покрај шинтерската служба, спроведени тендери за ветеринарни услуги, услуги за дезинфекција и дератизација, снабдување храна за кучиња и обезбедување на превозни средства за заловените кучиња решавањето на проблемот со бездомните животни останало само класична предизборна приказна.

  • Директорот Грданоски наместо да го игнорира овој проблем веднаш да си поднесе оставка. Ако Грданоски тоа не го стори, тогаш градоначалникот Георгиески да го разреши затоа што само така ќе докаже дека се грижи за Охрид да остане во УНЕСКО, за Македонија да оди во ЕУ и за хуманиот третман на бездомни животни да биде на европско ниво, потенцира Петкоска.

Од ВМРО ДПМНЕ ги повикуваат надлежните институции да ги откријат и соодветно да ги санкционираат сторителите на труењата, како и да ги исполнат дадените ветувања за решавање на проблемот.

OhridNews