59- годишниот Јане Петков, познат како човекот „амфибија“ , успешно го заврши својот невообичаен подвиг- за 2 часа и 47 минути преплива 2 километри и 30 метри, врзан во вреќа и без помагала. Во водите на езерото Јане влезе околу 10 часот кај плажата Горица, а целта беше градскиот кеј, каде беше пречекан од граѓани и новинарски екипи.
Петков задоволен од постигнатото се заблагодари на беспрекорната организација во која беа вклучени општинскиот Црвен крст , Клубот за спортови на вода и локалната самоуправа.
– Имаше една ладна струја во првиот километар, но потоа беше во ред, немаше проблеми.Доколку водата беше и потопла ќе пливав и повеќе километри, изјави Петков.
Од општинскиот Црвен крст информираат дека од самиот старт до целта, Петков пливал со константно темпо од 0,7 километри на час и немало било какви потешкотии и проблеми.
– Во текот на пливањето Јане и разговараше , не побара интервенција од екипите кои го следеа. Се помина во најдобар ред , се надевам дека Охрид и езерото ќе му бидат и понатаму поттик за соборување рекорди , вели Сашо Точков,од општинскиот Црвен крст.
Точков потенцира дека се вршела постојана евиденција околу настанот , врз која ќе биде подготвена апликацијата за Гинисовата книга на рекорди.
Подвигот на 59- годишниот Петков се нарекува и медицински атрактивен подвиг затоа што нивото на хемоглобин во крвта, односно нивото на железо кај него е под нормалната граница. Анализите покажале дека Петков е со длабока анемија, но и покрај тоа тој успеа да стигне до целта.