На локалните избори во Македонија во секој град се случуваа неправилности кои отвараат сомнеж за сериозни нерегуларности, кои најмногу ги имаше во Охрид, изјави кандидатот за градоначалник на Сојузот за иднината Александар Петрески на прес конференцијата што се одржа денеска, на која тој се заблагодари на сите 12.532 граѓани кои го дадоа гласот за него, како и на тимот со кој работел и на медиумите.


Тој рече дека нема простор за разочараност затоа што локалните избори во Охрид не биле фер и демократски, а победата на неговиот против кандидат од ВМРО ДПМНЕ била пирова.

-Им честитам на сите граѓани кои самоиницијативно гласаа на изборите за било кој од кандидатите, а на сите други кои ги купија по разни основи, на кои им печатеа лични карти во Белград, оние на кои во сабоата во кеш им беше поделена плата во ЕМО, на кои им плаќаа сметки за струја, на сите кои гласаа уште во средата и четвртокот на лажни гласачки ливчиња со кои се спроведе таканаречен „Бугарски воз“, им порачувам наредниот месец да го побараат истото тоа од мојот против кандидат и на сите оние кои ги посетуваа граѓаните од куќа на куќа, доколку не ги посетат да им појдат тие и да ги посетат дома и на работа. Ако мислат дека овие избори беа демократски и дека победата не е пирова, тогаш им ја честитам, а судот на времето ќе покаже дека ова е почеток на нивниот крај.-изјави Петрески.

Тој рече дека не е изненаден од резултатот на изборите и големата разлика во гласови, која, како што истакна го изненадила Бакрачески и неговиот штаб и симпатизерите.

-Знаев што се се случува, но не знаев дека во толкав интензитет сите работи ќе се случат. Во Охрид гласаа граѓани од Пустец и тоа на неколку места. Во Охрид имаше се. Јас немам забелешки на мојот тим кој даде се од себе, но ова не беше фер борба и тие не може да направат ништо. Но и партизаните ја започнаа борбата без оружје и опрема против силна воена машинерија која успеаа да ја совладаат. Јас токму така ја споредувам борбата која сега се води во Охрид.-истакна Петрески.


Сепак Петрески чувствува дека на некој начин бил изневерен од одредени структури блиски на него.

Ќе поразговарам и со тие што сметам дека ме предадоа, тие си ја продадоа својата душа, не мене, изјави Петрески.

Тој истакна дека сега ќе има повеќе слободно време кое ќе го употреби за зајакнување на партиските редови и Сојузот за иднината и ќе работи на охрабрување на симпатизерите на опозцијата да истраат во битката, која, како што рече, допрва почнува. Петрески очекува во септември да има предвремени парламентарни избори и дека многу скоро ќе дојдат промени во Македонија.

Коментирајќи ги изјавите на новиот градоначалник и најавите за ревизија на работата на општината и јавните претпријатија, Петрески истакна дека воопшто не се плаши од тоа, бидејќи како што истакна, 7 години тој работел со контрола на државната ревизија, и на инспекциските и полициските органи.

-Јас ревизија постојанио имав додека работев, но сега ќе треба тие да се подготват за ревизија за досегашното работење, а секако и за наредното работење кое им престои.-додаде Петрески.

OhridNews