Како кандидат за градоначалник на општина Охрид од СДСМ, ќе ја почитувам одлуката на партијата во врска со (не)учеството на претстојните локални избори, вели градоначалникот на Охрид Александар Петрески.
-Сметам дека избори ќе има, но доколку опозицијата не учествува, тие нема да се одржат затоа што не е добро за демократијата во земјата на избори да излезат само владејачките партии и нивните приврзаници, бидејќи тоа води кон едноумие.-изјави за OhridNews, градоначалникот на Охрид, Александар Петрески.
Тој истакна дека власта треба да смогне сили и да ги прифати барањата на опозицијата за фер и демократски избори, кои се содржат во препораките на ОБСЕ.
-Сметам дека тие услови се прифатливи, а ако власта не сака да ги примени, тогаш значи дека таа се плаши од регуларни избори.-рече Петрески.
СДСМ вчера соопшти дека партијата нема да учествува на Локалните избори кои треба да се одржат на пролет. Образложувајќи го ставот потпретседателот Гордан Георгиев, истакна дека условите кои што се спомнуваат биле важечки до пред црниот понеделник, кога се случило насилство во собранието и со пратениците и со новинарите.
-Како што се сеќавате претходните услови беа прочистување на избирачкиот список и препораките на ОБСЕ и ОДИХР кои што власта не ги прифаќаше. Од тој ден, од тој понеделник тие услови веќе стануваат ирелевантни бидејќи се наоѓаме во ситуација во која имаме диктаторски режим, кој што не може да организира нормални, слободни и фер избори. Затоа повторувам, ние на следните избори нема да учествуваме.-изјави Георгиев.