Фашистичките напади на институцијата градоначалник на креаторите на последните немили случувања во Охрид ќе им се вратат назад како бумеранг, изјави градоначалникот Александар Петрески на средбата со новинарите по неговото враќање во Охрид.

–    Донесов одлука да ја прекинам посетата на Австралија бидејќи тоа го побараа граѓаните и мојата матична партија. Им се извинувам на граѓаните кои се почувствуваа загрозени за време на неколкудневното мое отсуство. Убеден сум дека остварените средби во Австралија беа многу плодни, а тие ќе ги продолжат членовите на делегацијата која отпатува во Австралија. Моја интенција е да остварам уште една средба со нашите сограѓани, бидејќи во местата кои ги посетивме живеат околу 40000 охриѓани.-изјави Петрески.


Нападите врз градоначалникот на креаторите ќе им се вратат како бумеранг – рече Петрески

Тој изрази разочарување од однесувањето на политичките ривали, кои како што рече го искористиле неговото отсуство за неосновани и жестоки напади.

–    Наназад со месеци СДСМ и јас укажувавме на фактот дека состојбата со Езерото не е добра и треба итно да се реагира. Зачудува фактот што и покрај таквите укажувања Владата и ВМРО ДПМНЕ ја уверуваа јавноста дека нема простор за загриженост за одеднаш после моето заминување  го сменат ставот и да почнат да ја драматизираат состојбата. Зафати едно политичко лудило кое кулминираше со поставување на билборди, истакна Петрески.

Тој најави дека против креаторите на нападите на институцијата градоначалник, ќе поднесе кривични пријави. Петрески рече дека одговорност ќе се бара и од  ЕЛЕМ и другите институции кои според него со лошото менаџирање придонеле да се покачи нивото на Охридското Езеро на кое сега ќе му трабаат месеци да се стабилизира.

–    Аце се врати во Охрид и како и секогаш ќе биде со охриѓани а тие со Аце. Дали сега Влатко Чингоски ќе си замине од ЕЛЕМ, поради зголемувањето на нивото на Охридското Езеро. Дали со вакви фашистички напади кои ги користат се обидуваат да ја избегнат одговорносата за покачување на нивото на Охридското Езеро за производство на електрична енергија – праша Петрески.


Петрески најави дека ќе поднесе кривична пријава и против амбасадорот на Македонија во Австралија заради опструкција на неговата посета на оваа земја.

– Имавме опструкција од Амбасадата на РМ во Австралија која со факсови известувала градоначалници и бизнисмени во Австралија да не се сретнат со Петрески, рече Петрески.

Тој истакна дека нема проблеми помеѓу него и неговата матична партија, чии забелешки тој ги прифатил. „Проценка беше на СДСМ дека се злоупотребува моето отсуство и проценка на партијата беше дека треба да се вратам“, додаде Петрески, напоменувајќи дека за време на неговот службено отсуство општинските служби функционирале тековно и без проблеми.

Градоначалникот на Охрид изрази загриженост за начинот на кој централната власт се справува со кризата со покаченото ниво на Охридското Езеро, што според него негативно ќе влијае на претстојната туристичка сезона.