При неговата денешна средба со охридскиот градоначалник, Лидл на Петрески му ја пренел пораката дека Европската унија будно ги следи случувањата во Македонија и дека очекува да продолжи дијалогот помеѓу власта и опозицијата.
– Јас и моите колеги се надеваме дека ќе има волја за разрешување на кризата и дека ќе продолжи дијалогот помеѓу власта и опозицијата. Сепак, одлуката не е во наши раце. Опозициските партии се тие кои треба да кажат дали ќе излезат на избори. Контактите кои се прават од наша страна и со двете страни се постојани, и тие не треба да се сфатат како притисок, туку едно охрабрување со цел да се излезе од кризата, рече по средбата Лидл.
Градоначалникот Петрески изјави дека негова желба и на СДСМ е да се учествува на изборите, доколку централната власт покаже минимум волја за надминување на состојбата.
– Ако има минимум волја кај централната власт Македонија да оди напред и излезе од кризата во корист на евроинтеграциските процеси, проблемите ќе се решат. Очекувам дека ќе се изнајде решение, бидејќи влогот е голем, рече градоначалникот.
Петрески го повтори своето убедување дека доколку учествува на локалните избори, победата ќе биде во негова корист со минимум разлика од 3500 гласови.
На денешната средба помеѓу Лидл и Петрески станало збор и за процесот на децентрализација во изминатите четири години.