Ја обвини владеачката партија за немилосрдно трошење на народните пари за кампањи, за притисоци, уцени и закани, наспроти, како што рече, Сојузот за иднината кој во текот на кампањата настапил достоинствено, храбро и принципиелно, заедно со граѓаните.
– Ароганцијата, насилството и самобендисаноста се нивните главни одлики во начинот на нивното владеење. Истите одлики ги покажаа и во оваа изборна кампања. Никола Груевски и Никола Бакрачески ги гледавме и пред вести , и по вести, и во утрински и во ноќни програми. Нивните лица излегуваа и во весници и на портали и на телевизии. Добро е што завршува кампањата, бидејќи доколку продолжеше сигурно ќе излезеа и од фридижер, рече Петрески.
Петрески додаде дека претстојните избори не се обични локални избори, туку референдум за промена на катастрофалните политики на Груевски и ВМРО – ДПМНЕ.
– На овие ибори гласате еднаш , но вашиот глас вреди двојно. За продолжување на успехот на локалната власт предводена од Сојузот за иднината и во исто време за одземање на легитимитетот на централната власт. Да ги победиме на локални избори и веднаш потоа да ги победиме на предвремени парламентарни избори. Јас и мојот тим, со мојата програма, ви нудиме визија за продолжување на позитивните промени и подобрување на нашата општина. Тоа го докажавме и во изминатиов мандат, рече кандидатот за градоначалник од Сојузот за иднината.
Ги повика граѓаните на 24 – ти март масовно да излезат на гласачките места, да го заокружат бројот 42 и да му ја дадат својата поддршка, како што рече, заради иднината на новите генерации, иднината на Охрид и цела Македонија.
Во врска со вчера изнесените обвинувања на пратеникот од ВМРО- ДПМНЕ, Александар Николоски околу долговите кои ги има општина Охрид, Петрески изјави дека општината не должи ни денар повеќе отколку што должела пред да стане градоначалник.
– Напротив, сега долговите се помали затоа што во мојот мандат не само што правев дела, туку и враќав стари долгови. Николоски може да одговори каде владата потроши 20 милијарди евра од кога е на власт, додаде Петрески.
Петрески од кандидатите за советници од Сојузот за иднината по повод неговиот именден доби и подарок- пенкало, како што беше кажано од страна на портпаролот на изборниот штаб Дејан Блажески, со кое ќе може да го потпише новиот градоначалнички мандат.